Македонија

Ковачевски: Продолжуваме со поддршка за компаниите за раст на економијата и за нови работни места

06.06.2022 16:13

Премиерот Димитар Ковачевски како дел агендата на посетата на Општина Пробиштип, денеска ја посети фабриката „ТАБ МАК“, која и во глобално сложени услови, дури 97 проценти од производството го пласира главно на европскиот пазар...

Премиерот Димитар Ковачевски како дел агендата на посетата на Општина Пробиштип, денеска ја посети фабриката „ТАБ МАК“, која и во глобално сложени услови, дури 97 проценти од производството го пласира главно на европскиот пазар. Во посета на „ТАБ МАК“, покрај премиерот Ковачевски, беа и вицепремиерот на Владата за економски прашања и координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, градоначалникот на Пробиштип Драган Анастасов, како и коалициските партнери и менаџерите на фабриката. Во продолжение на ова соопштение ви ја пренесуваме изјавата на премиерот Ковачевски во целост: Во овие кризни времиња секоја успешна приказна од деловниот сектор е поттик и одговор дека и во овие глобално сложени услови, со добро планирање и стратегија може да се постигнува успех и развој.

Таков е случајот со компанијата „ТАБ МАК“ која произведува стартер акумулатори за сите видови возила, како и тракциски ќелии, односно акумулатори за виљушкари. Ова не го кажувам случајно туку врз основа на презентацијата којашто менаџментот ја имаше пред малку и од којашто се гледа дека и во услови на најголема криза, особено во услови на Ковид пандемијата, кога имаше и затворање и ограничување и на производи и на дистрибуција, тие не го имаат намалено бројот на вработени, туку напротив го имаат зголемено, а нивната продажба се зголемува од година во година. Дури 97 проценти од производството на „ТАБ МАК“ го пласира на странскиот, главно европски пазар. А и од разговорите со менаџментот добивме информација која исто така дава мотивација дека состојбата во секторот е стабилна со тенденција на понатамошен раст и развој.

И во оваа година како и во претходните компанијата влегува во нов инвестициски циклус од 15 мил. евра, тоа ќе овозможи значителен раст на производството на 3 милиони стартер акумулатори и 400 илјади фракциски ќелии што претставува пораст од 100 проценти во однос на 2019 година. „ТАБ МАК“ е една од компаниите која ги искористи можностите на Законот за финансиска поддршка на инвестиции и мерките од Планот за економски раст со кој досега се поддржани повеќе од 150 компании коишто инвестираат во нови производствени погони, опрема и производи. За извозните компании покрај намалување и укинување на царинските стапки на располагање е и финансиската поддршка за извозни компании преку развојната Банка на Северна Македонија, евтини кредитни продукти за компании кои најголемиот дел од своето производство го извезуваат.