Прашањето за блокираното жито, во фокусот на светските политичари
Продолжуваат жестоките борби на истокот од Украина. Претседателот Зеленски предупредува дека состојбата во Северодоњецк е исклучително тешка. Вели, руските сили се удвојуваат во обид да ја преземат контролата на целиот регион Луганск, но украинските борци и натаму имаат шанса да извојуваат победа. Кризата со недостигот на жито и натаму во фокусот на светските политичари. Не престануваат меѓусебните обвинувања меѓу западот и Русија...

ЕУ ја обвини Русија за глобалната криза со храна. Претседателот на европскиот совет Шарл Мишел на состанокот на советот за безбедност на ООН жестоко го нападна рускиот амбасадор велејќи дека Русија ги користи резервите со храна како „стелт ракета против земјите во развој“.
„Русија е единствено одговорна за оваа криза со храна. Видов со свои очи пред неколку недели во Одеса. Милиони тони жито и пченица заглавени во контејнери поради руските воени бродови во Црно Море и поради нападот врз транспортната инфраструктура. А токму руските тенкови, бомби и мини ја спречуваат Украина да сади и жнее. Може да ја напуштите просторијата, можеби е полесно да не ја слушате вистината, амбасадоре“, изјави Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет.
Налутен од коментарите на Мишел, рускиот амбасадор Василиј Небензија ја напушти седницата поради како што кажа „лагата што Мишел дошол да ја дистрибуира“. Подоцна заменик-амбасадорот на Русија во ООН излезе на рускиот канал на Телеграм со изјава дека коментарите на Мишел биле „толку груби“, што Небензија бил принуден да замине.
Украинскиот претседател Зеленски рече дека разговара со земји како Турција и Велика Британија за безбедносни гаранции за украинските бродови што треба да го извезат потребното жито.
„За нас е важно да постои безбедносен коридор што ќе го обезбедува превозот на житото. Не гледам никакви гаранции и не верувам во други гаранции освен во земјите што ја обезбедуваат флотата, ООН и нашето оружје концентрирано во близина на овие коридори. Да бидам целосно искрен, верувам дека веднаш штом добиеме противбродски оружје, а ќе го добиеме брзо, тоа ќе биде најмоќната гаранција. Ако сега имаме 22-25 милиони тони блокирани таму, наесен можеби ќе имаме 75. Што ќе правиме? Не можеме без пристаништа“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Прашањето за блокираното жито – во фокусот на разговорите за време на посетата на рускиот министер за надворешни работи лавров на Турција, која е вклучена во напорите на ООН да постигнат договор за испорака на украинско жито во услови на ескалација на кризата со храна. Турција одржува блиски врски и со Украина и со Русија. Киев не бил поканет на разговорите, веројатно, како што рече Зеленски, затоа што Турција сака прво да добие безбедносни гаранции за своите бродови од Русија.
Бојана Крстевски
