Макрон нуди поддршка за договор меѓу Скопје и Софија
Франција како претседавач со ЕУ покажува засилен ангажман за олеснување на разговорите помеѓу Скопје и Софија со цел подигање на ветото за старт на преговорите. По разговорите викендов на ниво на министри за надворешни работи властите во земјава се охрабрени дека ако има добра волја има простор за решение, но бе преголем оптимизам. Софија пак, смета дека треба да работи на убедување на европските партнери дека бугарските ставови во спорот со Скопје, треба да станат ставови на ЕУ...

Франција, која претседава со ЕУ до 1-ви јули, „веќе неколку недели“ ја поддржува потрагата по решение за спорот меѓу двете земји, потсети Елисејската палата во официјалното соопштение за печатот по разговорите со бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски.
За време на овие размени, како што вели официјален Париз, Емануел Макрон ја изрази својата „целосна поддршка за договор меѓу двете земји, кој ќе придонесе за добрососедски односи“ и „ја консолидира европската перспектива на Северна Македонија“.
Во текот на овие размени, претседателот на Франција изрази целосна поддршка за договор меѓу двете земји, како и почитување на основните права на граѓаните кои изјавуваат дека припаѓаат на други заедници или на малцинства.
Во соопштението на Елисејската палата не се дообјаснува дали ова се однесува само на Македонија или и на Бугарија.
Макрон, притоа изрази подготвеност да ги пречека во Париз, „кога ќе дојде време“, властите на Бугарија и Северна Македонија со цел да се склучи билатерален договор што ќе овозможи отворање на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ.
Франција, како што објаснуваат дипломатите нема намера да врши притисок врз Бугарија да го крене ветото за Македонија. Нејзината улога е да го олесни дијалогот. Да се олеснат дискусиите, да се предложат решенија кои, по можност, ќе ги задоволат двете страни“. Но, тие додаваат дека кога се во прашање односите Бугарија – Македонија, прашањето е чувствително.
За Париз, Македонија и Албанија се дел од европското семејство и официјално треба да станат дел од него.
Не само на Балканот туку и во поширокиот простор на ЕУ има многу очекувања дека на крајот на француското претседателство може да се случи кревање на бугарското вето, иако сега тоа изгледа многу малку веројатно.
Ако во Париз, ненадејно допатуваат Ковачевски и Радев, тогаш можеби има надеж за решение.
Тони Гламчевски
