Џонсон останува премиер, конзервативците му изгласаа доверба
Конзервативците му изгласаа доверба на британскиот премиер. Борис Џонсон останува на функција. Аферата „Партигејт“ му ја намали популарноста, но не успеа да го премисли мнозинството меѓу Ториевците. Џонсон најавува нови победи, опонентите револтирани од резултатот…

Со 211 гласа „за“ и 148 „против“, британските конзервативци му изгласаа доверба и му го спасија премиерскиот мандат на Борис Џонсон. Иницијативата на неговите сопартијци беше поведена поради аферата „Партигејт“ за која се извини, плати парична казна, но одби да поднесе оставка.
„Не сум заинтересиран за вонредни избори. Сакам да му го дадам на народот она што му е потребно. Имаме неверојатна агенда, фантастичен мандат. Ако ја погледнете статистиката, сега ме поддржуваат повеќе пратеници отколку во 2019-та“, нагласи премиерот Џонсон.
„Сите колеги знаат дека на избори победуваме само ако сме обединети. Народот не гласа за поделени партии, тоа е мојата порака“, рече Надим Завахи, министер за образование.
Минатиов викенд славевме 70 години скромност, пристојност и почит, а ден потоа Конзервативната партија ги фрли в оган и должноста и вредностите, реагираа неговите опоненти. И натаму инсистираат на оставка.
„Конзервативната партија верува дека е премногу да се бара добра влада со фокус на подобрување на животот, дека непочитувањето на законот не е пречка за носење на законот. Конзервативната партија верува дека британската јавност нема право да очекува чесни политичари“, изјави Кир Стармер, лидер на Лабуристичката партија.
„Третина, над третина од парламентарната партија не му даде доверба на премиерот. Еден чесен премиер би ги погледнал бројките, би го прифатил фактот дека ја загубил поддршката од значителен дел од својата партија и би размислил за позицијата“, рече Роџер Гејл, пратеник од Конзервативците.
Поради изгласаната доверба, Џонсон во наредната година нема да може да се соочи со истиот процес.
Маја С. Филдишев
