Продолжуваат жестоките битки во Украина
ЕУ ја обвини Русија за глобалната криза со храна. На терен, уличните борби не стивнуваат. Зеленски, признава дека и покрај извесниот успех на руската војска, украинската армија не ги напушта позициите. Во регионот Керсон ќе се организира референдум за приклучување кон Русија...

ЕУ ја обвини Русија за глобалната криза со храна. Претседателот на европскиот совет Шарл Мишел на состанокот на Советот за безбедност на ООН жестоко го нападна рускиот амбасадор велејќи дека Русија ги користи резервите со храна како „стелт ракета против земјите во развој“.
„Русија е единствено одговорна за оваа криза со храна. Видов со свои очи пред неколку недели во Одеса. Милиони тони жито и пченица заглавени во контејнери поради руските воени бродови во Црно Море и поради нападот врз транспортната инфраструктура. А, токму руските тенкови, бомби и мини ја спречуваат Украина да сади и жнее. Може да ја напуштите просторијата, можеби е полесно да не ја слушате вистината, амбасадоре“, изјави Шарл Мишел, претседател на европскиот совет.
Налутен од коментарите на Мишел, рускиот амбасадор Василиј Небензија ја напушти седницата поради, како што кажа „лагата што Мишел дошол да ја дистрибуира“.
На терен, уличните борби не стивнуваат. Северодоњецк и Лисичанск и натаму на мета. Зеленски, признава дека и покрај извесниот успех на руската војска, украинската армија не ги напушта позициите.
„Нашите херои не се откажуваат од своите позиции во Северодоњецк. Во градот продолжуваат жестоките улични борби. Лисичанск, Славјанск, Бахмут, Свијатохирија, Авдиивка, Курахове и другите насоки на руските удари се најжешките точки на конфронтација денес“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.
За поширокиот, индустриски дел од регионот Донбас, каде што се наоѓа Северодоњецк, Зеленски рече дека „украинскиот Донбас стои цврсто“. Според британското Министерство за одбрана, Русија планира да го отсече индустрискиот град и од север и од југ.
„Извештаите за тешко гранатирање во близина на Изиум, сугерираат дека Русија се подготвува за обновени напори на северната оска“, се вели во соопштението на британското Министерство за одбрана.
Руските сили нагласуваат дека завршуваат со ослободување на Свјатогорск и соседните територии во Доњецката област.
„Оперативно-тактичката авијација погоди 65 области со концентрација на украинска сила и воена опрема. Елиминирани се над 170 националисти, девет тенкови, повеќекратни ракетни фрлачи-град, теренска артилерија и возила за различни намени“, информираше Игор Конашенков, портпарол на Министерството за одбрана на Русија.
Во регионот Керсон ќе се организира референдум за приклучување кон Русија. На жителите во областа веќе им е овозможено да аплицираат за руско државјанство во хуманитарните центри и оружените полициски управи.
Бојана Крстевски
