Македонија

Трошоците на живот во мај повисоки за 11,9 отсто

07.06.2022 13:57

Трошоците на животот во мај годинава во однос на претходниот месец се зголемени за два, а цените на мало за 1,5 проценти. Во однос, пак, на мај лани трошоците на живот се поголеми за 11,9, а цените на мало за 12,1 отсто. Според податоците на Државниот завод за статистика, пораст на индексите на трошоците на животот во мај 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај маслото и маснотиите за 6,7%, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 6,2%, млекото за 5,4%, лебот и житата за 3,7%...

Трошоците на животот во мај годинава во однос на претходниот месец се зголемени за два, а цените на мало за 1,5 проценти. Во однос, пак, на мај лани трошоците на живот се поголеми за 11,9, а цените на мало за 12,1 отсто.

Според податоците на Државниот завод за статистика, пораст на индексите на трошоците на животот во мај 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај маслото и маснотиите за 6,7%, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 6,2%, млекото за 5,4%, лебот и житата за 3,7%, кафето, чајот, какаото за 3,1%, сирењето и урдата за 2,9%, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 2,7%, свежото и разладеното овошје за 2,6%, месото за 2,5%, рибата и морските плодови за 2,3%, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 1,6%, прехранбените производи неспоменати на друго место за 1,1%, пивото за 1,0%, жестоките пијалаци за 0,5% и виното за 0,3%.

Во мај, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај другите медицински производи за 19,0%, услугите за сместување за 7,5%, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 7,4%, накитот, часовниците и рачните часовници за 7,0%, течните горива за домаќинствата за 5,8%, домашните услуги и услугите за домаќинствата за 5,7%, туристичките аранжмани за 4,3%, обувките за 3,3%, поправките и изнајмувањето на обувките за 2,6%, производите за домаќинствата – нетрајни за 2,5%, другите апарати и производи за лична хигиена за 2,2%, чистењето, поправката и изнајмувањето облека, гасот за домаќинствата, фризерските салони и центрите за разубавување за 1,7%. Забележан е пораст и мебелот и покуќнината за 1,6%, канцелариските материјали и материјалите за цртање за 1,5%, велосипедите за 1,2%, другата облека и додатоците за облека, моторните возила за 1,1%, текстилот за домаќинствата за 1,0%, материјалите за одржување и поправки на живеалиштето за 0,9%, големите електрични апарати за домаќинствата за 0,8%, терапевтските помагала и опрема, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,7%, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема, фармацевтските производи, медицинските услуги, медиумите за снимање, игрите, играчките и хобијата, услугите за рекреација и спорт, другите печатени материјали, рестораните, кафулињата и слично за 0,6%, малите алатки и останатите додатоци за 0,5%, ткаенините за изработка на облека, поправките на мебелот, покуќнината и покривките за подот, домашните миленици и сродните производи за 0,4%, облеката, услугите за одржување и поправките на живеалиштето, стоматолошките услуги, одржувањето и поправките на сопствените превозни средства, информатичката опрема за обработка на податоците за 0,3%, малите електрични апарати за домаќинствата, големите алатки и опремата, услугите за култура, другите лични предмети за 0,2%.

Намалување на индексите на трошоците на животот во мај 2022 година, во споредба со претходниот месец, има кај воздухопловниот патнички транспорт за 10,5%, градините, растенијата и цвеќињата за 2,4% и електричните апарати за лична хигиена за 1,2%.