Субвенции за старите занаети
Куманово е првата општина во земјава која ќе ги субвенционира старите занаети, кои се во изумирање. За оваа намена општината одвои 150.000 денари. Првично ќе бидат опфатени 15-ина занаетчии, а надележните ветуваат дека бројката постојано ќе расте. Од Занаетчиската комора се надеваат дека примерот ќе го следат и другите градови. Останува барањето за отворање сувенирница.

Општина Куманово ќе ги субвенционира старите занаети. По 10.000 денари, првично ќе добијат 15-ина занаетчии. Целта е да се спречи изумирањето на оваа дејност, да се стимулира претприемништвото, но и да се негува локалната традиција. Од Занаетчиската комора се надеваат дека ќе се придонесе и за сузбивање на сивата економија, односно зголемување на бројот на регистрирани занаетчии.
„По прв пат даваме пример и на другите општини како треба да се чува традицијата, старите занаети кои ги симболизираат нашите корени“, истакна Агрон Фазлиј, претседател на Занаетчиска комора на Македонија.
Од Општина Куманово ветуваат дека помошта ќе продолжи да се зголемува. Најавија отворање и на сувенирница.
„Да не дозволиме да се заборават старите занаети, бидејќи тие се и основата за индустријализацијата на нашиот град имаме обврска особено кон чуварите на традицијата во нашиот град во рамки на сопствените можности да помогнеме во делот на финансирање на нивните активности“, нагласи Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово.
Амбасадорка на Македонија во Косово, Шпреса Јусуфи нагласи дека работат на идентификување на занаетчиските здруженија, за идна соработка и аплицирање на проекти за европски фондови, како и обезбедување услови за пласман на производите. Според податоците на ниво на земјава функционираат околу 100 стари занаети.
Елена Георгиевска
