Азески: Порастот на цената на струјата негативно се рефлектира врз бизнис секторот
Огромниот раст на цените на суровините и нивниот дефицит создаваат сериозен проблем врз домашната економија, смета првиот човек на Стопанската комора Азески. Од ВМРО-ДПМНЕ велат, цените на основните производи се двојно зголемени. Владата најави дека пазарните инспектори ќе ги ловат несовесните трговци...

Огромниот раст на цените на суровините и нивниот дефицит создаваат сериозен проблем врз домашната економија, а порастот на цената на струјата дополнително негативно се рефлектира врз бизнис секторот, смета првиот човек на Стопанската комора, Бранко Азески. Информиран е за случаите на некои трговци кои значително ја зголемиле цената на производите и повтори дека Владата на терен врши контрола.
За порастот на цените, одговорност треба да се бара и од трговците, но и од Владата, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму велат дека цените на основните производи се двојно зголемени, а платата од 20 илјади денари денес е како онаа од 10 илјади лани.
Владата најави дека пазарните инспектори ќе ги ловат несовесните трговци кои значително ги зголемија цените на производите и јавно ќе ги објави. Ќе се врши и проверка каква била маржата на 31-ви мај, а колкава е сега откако престанаа да важат времените антикризни мерки.
Анита Димитријевска Велковска
