МНР со реакција по шпекулациите за употребата на македонскиот јазик во ОН
Постојаната Мисија на Северна Македонија при ОН во Њујорк, одржува редовни средби со претставници на Секретаријатот на ОН, и во таа насока нема никакви индиции што одат во прилог на објавените шпекулации.

По однос на пријавените шпекулации за употребата на македонскиот јазик во рамки на Обединетите нации, Министерството за надворешни работи информира дека единствениот референтен документ на Организацијата на Обединетите Нации за главните обележја и податоци за земјите е UNTERM (кратко од UN Terminology).
Во него се дадени основните информации за секоја земја: официјалното име, кратко име, јазик на држава, назив на валута, ISO кодовите и др. (подолу линкот на UNTERM со официјалните податоци за Северна Македонија).
Секретаријатот на ООН, како и сите негови тела е обврзан да се придржува и да ги почитува податоците изнесени во истиот (UNTERM). Вработените во Секретаријатот на ОН немаат надлежност за толкување на вакви прашања. Секретаријатот на ОН раководи и има надлежност во менаџирањето на прашањата околу употребата на 6-те официјални јазици на Организацијата (англиски, француски, шпански, арапски, кинески и руски), соопштуваат од МНР.
Постојаната Мисија на Северна Македонија при ОН во Њујорк, одржува редовни средби со претставници на Секретаријатот на ОН, и во таа насока нема никакви индиции што одат во прилог на објавените шпекулации.
Согласно појавениот интерес на јавноста, нашата мисија во Њујорк стапи во контакт со претставници на Секретаријатот, од каде дополнително и официјално ни беше потврдена важечката пракса и регулатива преку која категорично ги отфрлаат сите шпекулации изнесени во медиумите за наводна „внатрешна инструкција во ООН за начинот на користење на терминот - Македонски јазик“.
Оттука, МНР посочува дека пријавените информации преставуваат злонамерни шпекулации, чии намери се да создаваат непотребно вознемирување на јавноста, и не одат во прилог на интересите на Северна Македонија.
Линкот на UNTERM за личната карта на земјата е секогаш достапен он-лајн и на него може да пристапи секој, нагласуваат од Министерството.
