„Отворен Балкан“: Соработката продолжува за силен регион подготвен за членство во ЕУ
За земјите од регионот е многу важна соработката и заедничкото дејствување, почитувајќи ги вредностите на Европската Унија. Заедно одиме напред- порачаа иницијаторите на „Отворен Балкан“...

За земјите од регионот е многу важна соработката и заедничкото дејствување, почитувајќи ги вредностите на Европската Унија. Заедно одиме напред- порачаа иницијаторите на „Отворен Балкан“ денеска во Охрид. Премиерот Ковачевски во своето обраќање подвлече дека иницијативата „Отворен Балкан“ е успешна и носи опипливи резултати за граѓаните, кои се реализација на досега потпишаните спогодби.
Цела Европа, и ние земјите од регионот, се соочуваме со сериозни последици од воената, енергетската, економската и здравствената криза. Во вакви услови ние сме си природно упатени едни на други. Конечно, ние се разбираме, се помагаме едни со други и најважно, после долго време, имаме заедничка цел: Заедно да одиме напред- потенцираше Ковачевски.
Тој подвлече дека денеска документите што ќе се потпишат придонесуваат за взаемното признавање на дипломи и научни звања издадени во високообразовните и другите овластени институции во трите земји, со што ќе се забрза постапката за создавање единствен заеднички пазар на трудот, за да останат младите тука.
Српскиот претседател Вучиќ нагласи дека трите земји лидери покажаа дека немаат никакви нерешени билатерални прашања освен да бидат пријатели и да соработуваат во полза на сите граѓани. Притоа, српскиот претседател ги повика земјите од регионот да учествуваат во работата на работни групи кои летово ќе се состанат и ќе разговараат за тоа како да се надминат проблемите со обезбедување храна и обезбедувањето на електрична енергија.
Вучиќ подвлече дека е потребно забрзување на сите процеси и тоа денеска со потпишување на меморандумите и договорите се докажува, во насока на обезбедување на проток на луѓето, стоките и услугите.
Премиерот Рама во своето обраќање подвлече дека војната во Украина покажа дека иницијативата Отворен Балкан е нужност и потреба земјите од регионот да соработуваат меѓу себе, во поглед на обезбедување на храна и совладување на енергетската криза.
Албанскиот премиер изрази задоволство од присуството на претставници од САД и ЕУ, како и гостите од Црна Гора и БиХ, кои ја покажуваат поддршката и со тоа Отворен Балкан го оправдува своето постоење, што е многу важно и од што бенефити најмногу имаат граѓаните од земјите на регионот.
И премиерот Абазовиќ, нагласи дека земјите од регионот се свртени кон иднината не гледајќи во минатото и нагласи дека од Црна Гора, Отворен Балкан има подадена рака. Тој нагласи дека за потребите на сите граѓани од регионот е потребно да соработуваат сите лидери на регионот и заеднички да соработуваат за економски развој и остварување на европските интеграции.
Тегелтија истакна дека искрено се надева дека е последниот од Босна и Херцеговина кој на Отворен Балкан доаѓа како гостин. Тој подвлече дека е присутен на Самитот бидејќи бизнис заедницата ја поддржува иницијативата, а тие се прогресот на општеството, што носи добро и за граѓаните. Посочи дека во оној момент кога ќе биде донесена политичка одлука, Босна и Херцеговина ќе се придружи на иницијативата.
Американскиот заменик-помошник државен секретар Ескобар, кој својата порака ја испрати во живо преку видео врска нагласи дека Соединетите Американски Држави го гледаат Западен Балкан преку призмата на 21 век, во обезбедување соработка на сите полиња, користејќи ја својата добра географска положба.
Тој подвлече дека земјите на Западен Балкан имаат огромен потенцијал и претприемачки дух за економска и регионална соработка во областа на обновливата енергија, за надминување на проблемите кои ги носат климатските промени.
Ескобар порача дека иницијативата доаѓа во многу битно време и ги охрабри лидерите да го усогласат „Отворен Балкан“ со другите иницијативи на Западен Балкан. Тој порача дека земјите од регионот може да сметаат на помошта од САД во однос на економијата, борбата против корупцијата и криминалот и европската интеграција.
Во своето обраќање, еврокомесарот Вархеји оцени дека идејата за Отворен Балкан е осмислена од регионот и таа идеја е поддржана од Европската Унија. Притоа еврокомесарот посочи дека се додека се спроведуваат основните столбови и стратегии од агендата на ЕУ, Иницијативата може да продолжи да ги жнее економските и прогресивните резултати од нивната соработка.
Во рамки на Самитот, ќе бидат реализирани повеќе договорени соработки, со потпишување на конкретни меморандуми и договори за соработка.
