Ракомет – СЕХА лига

Вардар третпат во финале на Сеха

11.04.2014 23:28

Вардар без повредениот Стојанче Стоилов, и со еден голман во игра, почна неубедливо со 5 минутен период без гол во кој и загрепчани не беа ефикасни.

Ракометарите на Вардар успеаја да обезбедат трето по ред финале на завршницата на најдобрите четири екипи во Сеха лигата што оваа година се игра во Нови Сад.

Во римеч на ланскиот финален двобој што во Скопје го доби Загреб, „црвено-црните“ убедливо се реваншираа и славеа убедливо со 30-22 (12-10). Вардар без повредениот Стојанче Стоилов, и со еден голман во игра, почна неубедливо со 5 минутен период без гол во кој и загрепчани  не беа ефикасни.

Откако влегоа во потребниот ритам избраниците на Раул Гонзалес со првата серија од 12-та  до 20-та минута, се одлепија на плус 6, (10-4)  не дозволувајки му на противникот да погоди дури  9 минути. Првакот на Хрватска се врати во игра во финишот на полувремето со четири последовни погодоци и со два гола негатива најави интересно второ полувреме.

Но, остана само на  тоа, зашто во продолжението македонскиот шампион беше пресилен за да се изненади. Резултатската контрола вардарци ја загубија само на момент кога Загреб се приближи на минус два (19-17). Потоа нашиот адут со цврста одбрана и рационален и ефикасен напад,  лесно ја зголеми максималната предност од првиот дел и го дотолче веќе „стариот“ првак.

Хрватскиот разигрувач, Карачиќ беше предводник и најефикасен на мечот со 8 гола, седум во второто полувреме. Одличен на голот, Милиќ кој одбрани 14 удари, додека . Раковиќ со 4 реализиации добр го замени лесно повредениот Брумен. Дибиров одигра малку во поле, но затоа беше два пати прецизен од седум метри.

Вардар в недела од 18.30 со директен пренос на МРТ собранискиот канал, за втора титула во Сеха лигата, ќе се му се спротивстави на Брест Мешков.

Белорускиот тим во второто полуфинале во возбудлив и неизвесен двобој го елиминираше Татран Прешов на пенали. Во регуларните 60 минути беше 26-26 ( 14-16) а во пенал серијата, Белорусите беа попрецизни со 7-6. Пешиќ му одбрани пенал на Урбан и го однесе Мешков во првото Сеха-финале.

Кај победникот пивотот Стојковиќ постигна 5 гола од седум метри, од игра пет пати погоди Мркотиќ. Поразените утешно ги имаа најефикасните на дуелот, Кристопанс и Урбан  кои постигнаа по седум гола.