Продолжува комисиската расправа за избор на уставни судии
Комисијата треба да се произнесе за уште осум предлог-судии. Досега е прифатен само предлогот за Фатмир Скендер за нов уставен судија.

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска треба да ја продолжи расправата за утврдувањето предлог за избор на судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Комисијата треба да се произнесе за уште осум предлог-судии. Досега е прифатен само предлогот за Фатмир Скендер за нов уставен судија.
Членовите на Комисијата треба да ги разгледаат биографиите и на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, како и на Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, предложени, како и Скендер, од владејачките партии, но и на универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и јавниот обвинител Војислав Димовски од Основното јавно обвинителство во Охрид, предложени од ВМРО-ДПМНЕ.
Уставниот суд во моментов, од предвидените девет, работи без четворица судии на кои им истече мандатот. Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, по речиси една година откако Уставниот суд работи со намален број судии, на 13-ти мај ја почна процедурата за избор на нови уставни судии.
