Милевски: Утре ќе се прашува Македонија!
Селекторот потенцира дека во овој период на крај на сезоната и со толку мечеви за кратко време не може да се бара најдобро ниво од фудбалерите.

Македонската фудбалска репрезентација е подготвена да ја пречека Грузија, утревечер (20.15 ч.), на стадионот „Тоше Проески“, во рамки на третото коло од Лигата на нации. Противникот е познат и веќе ни донесе радост, со славјето на гости во Тбилиси, кога обезбедивме пласман на ЕУРО 2020. Меѓутоа, селекторот Благоја Милевски предупредува дека утрешното соочување ќе нема никаква конекција со таа средба, исто како што ќе биде различно и од она што го видовме најтазе и од Македонија и од Грузија, месецов во Лигата на нации.
„Грузија е анализирана, не само последниот меч со Бугарија. Одлична селекција се, одличен тим, со одлични индивидуалци. Во Бугарија одиграа одличен меч, но секој меч е различен и посебна приказна. Така што овој нашиот со Грузија нема да биде ништо слично од нашиот со Бугарија или нивниот со Бугарија. Уште помалку нема никаква конекција со тој меч во Тбилиси“, вели Милевски.
Селекторот потенцира дека во овој период на крај на сезоната и со толку мечеви за кратко време не може да се бара најдобро ниво од фудбалерите.
„И како тим и како индивидуалци имаат квалитет, ако им овозможиме ќе преовладаат на терен, но најважно е ние како ќе изгледаме, а утре секако ќе се прашува Македонија како ќе биде на терен и за крајниот резултат. Овој период е таков каков што е, не може да бараме форма кога сте надвор од натпреварувачки ритам, но најважно е сите фудбалери што имаат желба и решителност да се успее. Секој меч е нов предизвик, што е поминато е зад нас и историја, а на овој меч е битен, односно најбитен зашто е прв следен. Има разлика во играта на Грузија со сегашниот селектор, сѐ е поразлично од претходните мечеви со нас, но важноста на мечот не нѐ оптеретува премногу, подготовката е иста и главно е да де даде максимум за да се постигне успех“, додаде Милевски.
