Македонија

Охрид: Болницата Св. Еразмо воведе артроскопска хирургија на рамен зглоб

09.06.2022 12:13

Специјалната болница Свети Еразмо во Охрид воведе артроскопска хирургија на рамен зглоб. Со овој оперативен зафат пациентите од југозападниот регион во земјава нема да се изложуваат на дополнителни трошоци и патувања до Скопје...

Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Свети Еразмо Охрид воведе нов оперативен зафат – артроскопска хирургија на рамен зглоб. Во изминативе две дена успешно беа оперирани пет пациенти на возраст од 17 до 73 години со застарени комплексни повреди.

За прв пат, во јавното здравство се користеа нови современи импланти кои овозможуваат подобра рехабилитација на пациентите.

„Користевме за прв пат во јавните здравствени установи, вид на импланти направени исклучиво од сутори од конец со помал дијаметар од оние кои се стандардно користени, а со тоа автоматски имаме помала инвазивност во однос на коскеното ткиво од претходните импланти“, вели д-р Огнен Шешоски специјалист ортопед.

Пациентите во регионот во иднина нема да патуваат во Скопје за вакви оперативни зафати и нема да се изложуваат на дополнителни трошоци.

„Изминатите два дена бевме сведоци на еден, би рекол извонредно важен напор за понатамошно навлегување во сериозноста на ортопедската институција. Навлеговме во патологијата посериозно, во однос на рамениот зглоб“, вели д-р Љупчо Богоевски, специјалист ортопед.

Операциите ги извршија ортопедите Огнен Шешоски и Александар Стевоски, под менторство на лекари од специјалната болницата „Валтодра“ од Словенија.

Соња Рилковска