Образование

Заврши учебната година, учениците на распуст

09.06.2022 12:21

Празни училишни клупи, ходници. За над 255 илјади основци и средношколци заврши учебната година. По две години затвореност поради ковид-пандемијата, наставата во септември лани започна навреме. Но, се одвиваше со два прекини во второто полугодие, поради состојбата со коронавирусот, и штрајкот на СОНК. Сепак, од училиштата задоволни од постигнатите резултати на учениците. Од утре почнува електронското аплицирање за запишување во средните училишта…

За основците и средношколците денеска е последниот училиштен ден во учебната 2021/2022 година. Околу 255 илјади ученици заминуваат на летен распуст. Учениците среќни, што следуваат три безгрижни месеци без учење, тестови и домашни задачи. Велат следува период за дружење и летниот одмор.

„Многу сме среќни што започнува летниот распуст и заврши учебната година. На одмори во Охрид и надвор од земјава“, нагласи еден ученик.

„Добро е ја поминавме годината, сега малку да одмориме, се радуваме за наредната“, дополни друг.

Учебната година заврши во редовниот термин, иако почетокот на второто полугодие беше одложен за десетина дена, поради влошената состојба со коронавирусот. Учениците во април загубија и 12 дена од наставата, поради штрајкот на Синдикатот за образование наука и култура.

По две години затвореност поради ковид пандемијата, училиштата лани за прв пат беа отворени навреме, во септември. Се применуваа здравствени протоколи, а учениците до пред два месеца наставата ја следеа со заштитни маски.

Иако оваа учебна година беше специфична по многу нешта, сепак од училиштата задоволни од постигнатите резултати.

„Задоволни сме од физичкото присуство на учениците без оглед на прекините коишто ги имавме. Од една страна и прилично е интересна затоа што се вратија со нов елан и нови победи, така што учебната година е на задоволително ниво“, вели Александар Стефановски, наставник ОУ „11 Октомври“-Куманово.

„Работевме по онлајн настава имавме проблеми со кровот, работевме по скратена програма, имавме и штрајк од наставниците, општо земено специфична учебна година. Но, и покрај ова училиштето и учениците бележат врвни награди“, нагласи Јасмина Спасовска, директорка ОУ „Браќа Миладиновци“-Куманово.

Додека едни го слават летниот распуст, други размислуваат за запишување во средните училишта. Од утре до 15-ти јуни ќе трае електронското аплицирање. Новата дигитална услуга, според Министерството за образование и наука, би требало да заштеди на време, но и да ги спречи турканиците пред училиштата. Ранг-листата на запишани ученици ќе биде објавена на 16-ти месецов. Во понеделник, пак речиси 16 илјади матуранти ги очекува полагањето на вториот дел од државната матура, математика, странски јазик или филозофија или естетика.

Елена Георгиевска