Воен конфликт

Северодоњецк, епицентар на судирот во Донбас

09.06.2022 12:56

Продолжуваат борбите во Донбас. Битката за Северодоњецк ќе ја реши судбината на регионот, вели украинскиот претседател Зеленски. Русија тврди дека веќе презела контрола над 97 проценти од една од двете провинции што го сочинуваат Донбас. Житото останува заробено во Украина...

Русија тврди дека презела контрола над 97 проценти од една од двете провинции што го сочинуваат Донбас. Доколку биде потврдено, тоа ќе го приближи Кремљ до неговата цел за целосно заземање на источниот индустриски центар на рудниците и фабриките за јаглен. Воената болница на истокот на Украина се обидува да им помогне на ранетите борци додека продолжува интензивната битка за контрола на Донбас.

„Сите кревети се зафатени. И еден кат повеќе отколку во редовен режим. На пример пред војната, имавме центар за 40 кревети. Сега имаме двојно повеќе“, изјави д-р Серхи Слиесаренко, воен хирург.

Битката за Северодоњецк ќе ја реши судбината на Донбас, вели украинскиот претседател Зеленски. Тврди дека украинските сили имаат полна контрола врз соседниот град Лисичанск.

„Ова е многу брутална битка, можеби една од најтешките што сме ги воделе во оваа војна. Северодоњецк останува епицентар на судирот во Донбас. Во голем дел, тука се решава судбината на целиот регион“, изјави Володомир Зеленски, претседател на Украина.

Руската инвазија на Украина е една од глобалните кризи што предизвика најголемо зголемување на трошоците за живот во светот. Производството на храна во Украина и храната и ѓубривата произведени од Русија мора да се вратат на светските пазари и покрај војната, велат од Обединетите нации.

„Има само еден начин да се запре оваа бура, мора да заврши руската инвазија на Украина. Смртта и уништувањето мора да престанат. Мора да се најде политичко решение во согласност со меѓународното право и повелбата на Обединетите нации. Но, за тоа се случи, потребна ни е итна акција“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на Обединетите нации.

Украина и Западот ја обвинуваат Москва дека ги користи залихите храна како оружје. Русија пак, тврди дека главни виновници се украинските поморски мини и меѓународните санкции. Побара Украина да ги отстрани мините од областа во близина на црноморското пристаниште Одеса, со цел да се овозможи безбеден извоз на житото.

„Моменталната ситуација со украинското жито нема никаква врска со кризата со храна. До неодамна, украинската влада, негираше дека е подготвена да ги деминира крајбрежните води. Доколку украинската страна, како што ни кажуваат нашите турски пријатели е подготвена да дозволи премин преку мински полиња, тогаш да се надеваме дека овој проблем ќе биде решен“, Сергеј Лавров-Министер за надворешни работи на Русија.

Напорите на Турција да ја ублажи светската криза со храна преку преговори за безбеден транспорт на житото заглавено во црноморските пристаништа наиде на отпор од Украина. Киев тврди дека Москва наметнува неразумни услови и не верува дека Турција може да ја гарантира безбедност.

Маријана Димовска