Евроинтеграции

Вархеји фрустриран што нема договор, Петков со барања до Скопје

09.06.2022 14:13

Еврокомесарот Вархеји денеска е во Софија на средби со државниот врв. Побара од Петков договор во јуни со земјава. Петков поставил три барања до Македонија – спроведување на договорот за добрососедство, вклучување на Бугарите во Уставот и почитување на рамковната позиција што ја усвои бугарскиот парламент. Бугарската шефица на дипломатија најавува оставка од функцијата…

Тоа што нема договор многу нè фрустрира. До состанокот на Советот на министри во јуни, би сакале да биде постигнат договор меѓу Скопје и Софија - директна порака на еврокомесарот Оливер Вархеи на средбите до бугарскиот државен врв.

Бугарскиот премиер Петков кој се соочува со криза во владата поради излегувањето на партијата на Трифонов, рече дека последниве денови слуша многу лажни вести оти неговата влада води две надворешни политики. Вели, такво нешто нема, а од нашата држава има три јасни барања кои треба да се исполнат за да се тргне ветото.

Првиот дипломат на Петков, министерката за надворешни работи Генчовска објави дека поднесува оставка на функцијата. Како причина, наведе дека открила белешки дека Петков водел разговори како да се заобиколи ветото.

„Не сум присуствувала на сите разговори на Петков со дипломати, но во нашите разговори со претставници на ЕУ институциите не информираа дека има други сигнали“, рече Генчовска.

И, додека еврокомесарот Вархеји работи интензивно на пристапувањето на земјава во Европската унија, во Бугарија работите се комплицираат по одлуката на „Има таков народ“ да ја напушти коалицијата, со што Петков води малцинска влада.

 

Миле Ристески