Поделбата на пехарите почнува во Пробиштип
Распределбата на сезонските трофеи во одбојкарски рамки кај нас ќе почне со финалните натпревари во купот во двете конкуренции. Завршницата е денеска во Пробиштип, а кај дамите за пехарот ќе играат Форца волеј и Јанта волеј.

Актуелните шампионки, одбојкарките на Форца, во финалето ќе влезат носејќи ја фаворитската ролја којашто ја заработија не само поради ланскиот успех во шампионатот, туку и затоа што и во тековното првенство со две убедливи победи над Работнички лесно влегоа во завршната серија од разигрувањето. Во неа ривалки може да им бидат одбојкарките на Јанта волеј кои со мајсторка ќе ја решаваат суперинтересната низа против Македонија макс.
Во машкото финале во Пробиштип, истоимената домашна екипа ќе ги одмери силите со Струмица која цели кон двојната круна. Струмичани веќе се во финалето во завршната серија од плеј-офот против Синалко, а во неа би влегле полесно доколку ја кренат титулата во купот. И во овој дуел лесно се препознава фаворитот ако се знае дека во меѓусебното соочување во полуфиналето од лигата, Струмица двапати беше поуспешна со 3-0.
Двојната одбојкарска куп - програма во Пробиштип ќе ја гледате на Собранискиот сервис на МРТ. Женското финале е од 15 часот, по него ќе почне и машкото.
