Одбојка

Отворена е вратата за завршниот турнир во Будимпешта

09.06.2022 20:15

Македонските одбојкари зедоа здив и се доближија до уште едно полуфинале во Европската лига. По три порази во низа, триумфот над фаворитот Романија сè уште не значи завршена работа, но белки ја донесе потребната смиреност и самодоверба кај помладите како надополнување на стандардниот ефект на искусните. Сè уште ќе чекаме, но патот до Будимпешта е отворен..

Македонските одбојкари зедоа здив и се доближија до уште едно полуфинале во Европската лига. По три порази во низа, триумфот над фаворитот Романија сè уште не значи завршена работа, но белки ја донесе потребната смиреност и самодоверба кај помладите како надополнување на стандардниот ефект на искусните. Сè уште ќе чекаме, но патот до Будимпешта е отворен.

Тактичкиот потег со Владо Милев на позиција либеро донесе резултат против Романците. Македонија имаше неспоредливо подобар прием во споредба со двомечот со Албанија, а тоа значеше дека Илиев и Костиќ имаа почисти топки за реализација. И не само тоа, разиграни беа и нашите центри на темпо, а имавме и невообичаено успешен напад кога приемот не беше на посакуваното ниво.

„Либерото е командант на екипата, полесно е кога сме стабилни на таа позиција, јас не мораше да примам, туку се фокусирав само на напад и затоа бев поефикасен. Среќен сум за младите играчи, ние зборувавме отворено после натпреварот со Албанија, си кажавме некои работи и се радував што тие покажаа дека имаат карактер“, задоволен е капитенот на македонската одбојкарска репрезентација Никола Ѓорѓиев.

Првиот услов за седмо полуфинале во седмиот настап во Евролигата е наша победа во Тузла во сабота против Босна и Херцеговина. Ако е 3-0 за нас, ќе ни одговара успех на Романија в недела против Албанија со 3-0 или со 3-1. Со 3-1 за Македонија, ќе ни одговара 3-0 за Романците, затоа што ќе имаме подобар сет-количник од Албанија, но доколку е 3-1 на двата меча, тогаш ќе решава поен-количникот, а засега Албанците се подобри од црвено-жолтите за девет поени.

Без разлика како ќе завршиме ние, Албанија не смее да освои два сета во Романија. Според квалитетот на составите, реално е Македонија да заврши втора во групата „Бе“, а без оглед што не зависиме само од нашиот натпревар, основно е да играме најмалку како вчера со Романија и да ја оствариме нашата цел. А потоа, што биде нека биде.