Воен конфликт

Зеленски: Санкции против руските лидери

10.06.2022 09:55

Претседателот на Украина Зеленски потпиша указ за воведување лични санкции на руските лидери. Украина губи од Русија на првите линии и исклучиво се потпира на оружје од Западот за да ја држи Русија подалеку-вели украински воен разузнавач..

Претседателот на Украина Зеленски потпиша указ за воведување лични санкции на руските лидери, вклучително и претседателот Путин, сите министри, членови на руската влада и Советот за безбедност и портпаролот на Кремљ, Песков. Санкциите забрануваат влез во Украина, ги откажуваат визите и дозволите и ги блокираат финансиските средства.

„Во Украина има многу дискусии за тоа каква треба да биде економската политика на државата и за време на војната и кога ќе се врати мирот. Сакам да нагласам еден детал кој е фундаментален. Мора да се навикнеме на фактот дека таму може да бидат само два дела во општеството – оние кои ја штитат нашата независност и оние кои работат на таков начин што ќе ја обезбедат оваа заштита“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зеленски потпиша и директива со која се санкционираат 236 руски универзитети. Според рускиот министер за образование, тоа нема да влијае на нив.

Заменик-шефот на украинската воена разузнавачка служба изјави дека Украина губи од Русија на првите линии и дека сега речиси исклучиво се потпира на оружје од западот за да ја држи Русија подалеку.

Гувернерот на Луганск изјави дека борбите продолжуваат во Севиеродоњецк, источниот украински град клучен за напорите на Москва да го заврши заземањето на Донбас.

„Постои динамична граница која го дели градот на два дела: окупиран дел и дел под наша контрола. Оваа граница може значително да се помести дури и во рок од еден ден. Нашите бранители ќе ги држат своите позиции онолку долго колку што можат“, изјави Сергеј Хаидаи, гувернер на Луганск.

Советник на украинскиот претседател рече дека од 100 до 200 украински војници го губат животот на линијата на фронтот секој ден. Истакна и дека Киев не е подготвен да ги продолжи мировните преговори со Москва.

Марина Ристова