Архиепископот Стефан од патријархот Вартоломеј го прими Патријаршискиот акт
Синоќа на богослужба во манастирот „Балаклија“ во Цариград, Истанбул, вселенскиот патријарх Вартоломеј, му го предаде на архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, Патријаршискиот и синодален акт, за примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство. В недела, во Фанар, архиепископот Стефан и патријархот Вартоломеј ќе ја отслужат првата заедничка литургија...

Вселенскиот патријарх Вартоломеј, му го предаде на архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, Патријаршискиот и синодален акт, за примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство. Чинот на предавањето на богослужба – во манастирот „Балаклија“ во Цариград, Истанбул.
„Денеска мноштвата на православните се радуваат за враќањето на христоносниот народ во прегратките на мајката црква, се уверуваме во точноста на нашата вера, зашто најјасно се покажува вредноста на црковната двонасочност и нераскинливата врска помеѓу нејзините ороси и канони“, рече во говорот Вселенскиот патријарх Вартоломеј. „Мајката црква Константинополска болуваше, се молеше, долго трпеше, очекуваше, се надеваше, советуваше и се подготвуваше за наоѓање решение за проблемот што ја засегаше вашата помесна црква“ – ја чувствуваме радоста за развојот посочи патријархот.
„Ги разбираме вашите потешкотии, искрснатите дилеми, внатрешните соображенија, променливите различни мислења; но решенијата сакаат жртва и храброст. Така ја чувствуваме и радоста на сите вас за настанатиот развој. Од денес, кога добивате положба и служба Ви го благословуваме народот на најсветата Архиепископија охридска. Ја поздравуваме видливата, добра и братољубива расположба на најсветата црква на Србија кон вас. Очекуваме и официјално известување од вас за напредокот на дијалогот помеѓу вас. На крај, ви го врачуваме востановителниот за црковното општење Патријаршиски и синодален акт и го претвкусуваме сослужението со вас на претстојната недела на педесетница“, рече Вселенскиот патријарх г. Вартоломеј.
Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заблагодарувајќи му се на Вселенскиот патријарх му рече – ги слушнавте крикот на нашето срце и копнежот на нашите души, и не прифативте во општење со вас и со сиот православен свет. Дојдовме при вас и сме многу радосни поради тоа, дојдовме да го изразиме нашиот копнеж по Христа, кој, како православни христијани, го имаме, и да ги изразиме почитта, честа и благодарноста пред вашиот престол – да ги објавиме гласно, овде, од под куполата на Константинополската црква, пред сечесниот вселенски престол, нашата љубов кон целата вселена, истакна неговото блаженство г.г. Стефан.
В недела, во Фанар, архиепископот Стефан и патријархот Вартоломеј ќе ја отслужат првата заедничка литургија.
Александра Спировска
