Туризам

Недостиг на работници во хотелско- угосителскиот сектор

10.06.2022 14:19

Недостиг од над 1000 работници во хотелско-угостителскиот сектор во Охрид и Струга. Од хотелската асоцијација ХОТАМ бараат измени во законот, во земјава да може да се вработуваат странски државјани со минимални документи..

Во хотелско-угостителскиот сектор во Охрид и Струга недостигаат над 1000 работници. Проблемот со дефицит на стручен кадар се продлабочува и оваа сезона. Причина е што огромен број вработени заминаа на работа во странство, најголем дел во Хрватска и Германија.

Од хотелската асоцијација бараат измени во законот и во земјава да може да се вработуваат странски државјани со минимални документи.

„Како што може нашите да отидат странство и да работат со минимални документи, така и ние бараме да може да добиеме странски државјани да работат во Македонија тогаш пазарот ќе биде подеднаков“, вели Крсте Блажески претседател на хотелската асоцијација ХОТАМ.

Од средното угостителско училиште ги повикуваат младите да се насочат во хотелско туристичката струка, бидејќи е најбарана на пазарот на трудот.

„Оваа година очекуваме зголемен број на ученици бидејќи самиот тренд во угостителството и туризмот налага што поголем број работници и сведоци сме сите дека годиниве наназад е доста зголемена побарувачката“, вели Марјан Радески директор на Регионалниот центар „Ванчо Питошески“.

Од ХОТАМ велат во екот на сезона и нашите компании во туристичкиот сектор се моќни да даваат плата од 1000 евра, но проблемот се јавува од октомври до мај, кога се немоќни да ги покријат основните трошоци.

Соња Рилковска