Османи: Без одлагање да се отворат пристапните преговори со Македонија и Албанија
„Нема поважна и поефективна одлука за зајакнување на стабилноста и за реформи од онаа да се отворат пристапните преговори со Европската Унија“ – рече министерот за надворешни работи Бујар Османи. Според него, моментот е созреан. Бугарскиот претседател Румен Радев вели дека ветото за Северна Македонија треба да остане сè додека не се формира ново парламентарно мнозинство во неговата земја...

Нема поважна одлука од онаа да се отворат пристапните преговори со Македонија и Албанија, порака на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи од состанокот во Солун. За ваквата одлука, според Османи, моментот е созреан и треба да се донесе без одлагање и изговори. Тој додаде одлуката е значајна за зајакнување на стабилноста, поривот за реформи и ЕУ ентузијазмот во регионот.
„Нема поважна, поефективна и покатализирачка одлука за зајакнување на стабилноста и поривот за реформи и ЕУ ентузијазмот во регионот на Југоисточна Европа од онаа да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, без понатамошно одлагање и изговори, за што моментот е созреан“, изјави Османи.
И додека Османи повикува да биде одреден датум за старт на преговорите со Европската Унија, бугарскиот претседател Румен Радев порача – ветото за Македонија да остане, до формирање на ново парламентарно мнозинство.
Претходно, бугарскиот премиер Петков порача дека Софија има три барања за напредок на Македонија во евроинтеграциите. Првото е почитување на бугарската рамковна позиција усвоена во парламентот, второ вклучување на бугарите во македонскиот устав со цел заштита на нивните права и трето – спроведување на договорот за добрососедство.
Марија Котовска
