Антиќ со Атланта пред плејоф
Македонскиот кошаркарски репрезентативец Перо Антиќ се врати во екипата на Атланта која славеше значајна победа на гости кај Бруклин со 93-88. Нашиот кошаркар по само еден натпревар пауза поради оток на десниот скочен зглоб одигра 17 минути, постигна четири коша и додаде еден скок.

Првиот Македонец во НБА лигата беше составен дел на дефанзивната постава на „јастребите“, која ја запре ударната тројка на Нетс ( Пол Пирс-Џо Џонсон –Маркус Торнтон) на ефект 15/45 шут од поле. Атланта му го нанесе на Бруклин првиот пораз дома по рекордната серија од 15 победи, а со 36-от триумф во сезоната, Хокс се на чекор до разигрувањето за титулата.
На три рунди до крајот екипата на Перо Антиќ е осмопласирана во Источната конференција со две победи повеќе од Њу Јорк. Никс кои се единствени конкуренти за последното испразнето место за плејофот, ноќеска славеа на гости против Торонто со 108-100.
Атланта до крајот игра дома со Мајами, го пречекува Шарлот и гостува кај Милвоки, додека Њу Јорк пред своја публика има двобој со Чикаго, па оди кај Бруклин, а в среда во последното коло е домаќин во мечот со Торонто.
Во ноќешното големо дерби за првото место на Истокот, Мајами дома ја победи Индијана со 98-86. Клучен период беше третиот во кој шампионот со серија од 16-0 ја реши дилемата за победникот. Леброн Џејмс беше извонреден со 36 коша, Пол Џорџ со 22 ја предводеше Индијана.
Голден Стејт со гостински триумф над Лејкерс од 112-95 го обезбеди шестото место во силната Западната конференција и прв пат по 22 години, два пати во низа оди во плејофот.
Резултати, НБА
Мивоки-Кливленд 119-116
Сан Антонио-Феникс 112-104
Бостон-Шарлот 106-103
Јута-Портланд 99-111
Чикаго-Детроит 106-98
Мемфис-Филаделфија 117-95
Минесота-Хјустон 112-110
Оклахома-Њу Орлеанс 116-94
Орландо-Вашингтон 86-96
