Самит во Солун

Ковачевски: ЕУ интеграцијата, регионалната соработка и енергетската трансформација остануваат врвни приоритети

10.06.2022 18:32

Премиерот Ковачевски денеска во Солун, учествуваше на Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа. На самитот присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Клучни приоритети за нашата земја во овој период на најголема Светска криза по Втората Светска војна остануваат реализацијата на енергетските проекти, регионалната соработка, како и од неопходноста од интеграција на Северна Македонија во ЕУ, нагласи премиерот Ковачевски кој денеска во Солун учествуваше на Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

Со Самитот претседаваше премиерот на Грција, Кирјaкос Мицотакис, а на високо ниво учествуваше и германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел.

Во однос на светската енергетска криза и растот на цените како резултат на воената агресија врз Украина, премиерот Ковачевски посочи дека глобалните последици кои ги чувствува целиот свет бараат итна заедничка координација преку платформи како што е ПСЈИЕ.

„Постои чувство на итност за натамошна заедничка координација со цел веднаш да одговориме на заедничките предизвици преку корисни платформи како што е ПСЈИЕ, но и во синергија со Европската Унија. Во тој поглед, ја поздравивме подготвеноста на ЕУ да ги вклучи земјите од Западен Балкан во заедничката платформа за купување гас, со цел диверзификација на енергетските резерви, најмногу испораките на гас и зајакнување на енергетската безбедност. Северна Македонија е посветена на зголемување на енергетската диверзификација и независност за поддршка на нашата национална безбедност, а со тоа ќе ги спречи влијанијата од климатските промени. Во таа насока, Северна Македонија започна значајни проекти за  енергетска транзиција и инвестиции во обновлива енергија. Покрај двете стратешки инвестиции во обновливи извори на енергија во нашата земја на германска и француска компанија, сакам да го потенцирам постигнатиот договор за соработка за реализација на изградба на гасниот терминал и гасната централа во Александропули, каде неодамна започна изградбата. Наскоро ќе биде во тек изградбата на нашиот гасен интерконектор со Грција, а планираме и гасни интерконектори со нашите соседи Србија и Косово поддржани со средства од Економскиот инвестициски план на ЕУ“, истакна Ковачевски.

Во однос на важноста од регионалната соработка премиерот Ковачевски подвлече дека Северна Македонија е целосно посветена на регионалната интеграција преку политички, економски и безбедносни иницијативи и целосно ја поддржуваме поблиската економска интеграција.