Македонија

Дигитализацијата, предуслов за развој на туризмот

11.06.2022 09:45

Дигитализацијата на туризмот е предуслов за развој во новото време. Од 2020-та година во земјава интензивно се работи на ова поле. Добар дел од туристичките атракции и културно историските знаменитости во земјава се веќе дигитализирани и достапни онлајн, но потребно е унапредување, особено на евиденцијата на гостите кои престојуваат во земјава...

Дигитализација на туристичките потенцијали и културното наследство е новата реалност и предуслов за развој на туристичката индустрија. Од 2020 година во земјава интензивно се работи на ова поле. Почнувајќи од онлајн маркетинг, преку редизајнирање на националната платформа „Macedonia Timeless“, која е надополнета со нови алатки за ранливите граѓани, сè до изработка на мобилни апликации за промоција на адреналинските форми на туризам.

„2021-ва година започнавме со повеќе министерство каде што АППТ е носечка за создавање на е-визиторс платформа којашто значи комплетно дигитализирање на туристичкиот сектор од влез до излез на самиот турист со брзо пребарување на податоци“, истакна Љупчо Јаневски директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Добар дел од туристичките атракции и културно историските знаменитости во земјава се веќе дигитализирани и достапни онлајн, но потребно е унапредување особено на евиденцијата на гостите кои престојуваат во земјава.

„Врз основа на сите тие податоци коишто ќе ги добијат од дигитализацијата ќе може да направат квалитетна анализа за да видат каде се наоѓаат тие и што може да направат во иднина за да ја подобрат својата позиција“, изјави Цветко Андреески декан на Факултетот за туризам во Охрид.

„Универзитетот за информатички технологии „Свети Апостол Павле“ нуди поддршка за развој на сите тие бизниси и решенија ќе го олеснат и ќе го подобрат овој процес преку развој на акцелераторска програма“, изјави Александар Карадимче декан на Универзитетот за информатика Охрид.

Претставници од ИТ индустријата и туризмот во Охрид разговараа за можностите што ги нуди дигитализацијата, како компаниите да ги искористат за подобро да се позиционираат од својата конкуренција, да им се олесни комуникацијата со клиенти, тур-оператори и вмрежување на сите засегнати страни во туристичкиот сектор.

Соња Рилковска