Галатасарај го фати последниот воз, познати се четвртфиналните двојки во Евролигата
Со одигрување на последните 3 натпревари од 14 коло од Топ 16 фазата се комплетира листата на осумте екипи кои ќе настапат во следната рунда во кошаркарската Евролига.
Во единствениот дуел кој имаше посериозно натпреварувачко значење, Галатасарај го совлада Партизан со 64:55 и како единствен турски клуб се избори за четвртфиналето. Маркоишвили со 16 поени беше најефикасен кај тимот од Истанбул, пред Ерцег и Алдемир со по 13, а кај гостите Бертанс, Богдановиќ и Лаверн постигнаа по 11 поени. Во “Ф“ групата Жалгирис ги заврши настапите со победа од 87:80 над Реал Мадрид, предводен од Дентмон со 36 поени и со 7 од 11 погодени обиди за тројка, додека кај гостите Љуљ оствари 23 поени. Во единствениот натпревар од “Е“ групата Уникаха славеше утешна победа над Емпорио Армани, 95:85. Штимац постигна 16 поени кај шпанскиот тим, а Лангфорд 22 кај Италијанците.
Во “плеј оф“ четвртфиналните дуели за место на “Фајнал фор“ на 15 април се среќаваат : Барселона – Галатасарај и Реал Мадрид – Олимпијакос, а ден потоа ЦСКА – Панатинаикос и Емпорио Армани – Макаби. Се игра во две добиени средби, а екипите кои се домаќини на првите соочувања ќе ја играат пред своите гледачи во евентуална мајсторка.
