Македонија

Ковачевски побара безусловен почеток на пристапните преговори со ЕУ

11.06.2022 12:49

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во посета на Скопје и Софија. По средбата со македонскиот премиер Ковачевски порача дека Берлин ја поддржува интеграцијата на земјава во ЕУ и оти Брисел треба да ги исполни дадените ветувања. Пред јунскиот Самит, премиерот Ковачевски бара деблокада на нашиот интегративен процес и безусловен старт на пристапните преговори...

Дојде во земјава со порака дека ги исполнивме сите услови и затоа треба веднаш да ги почнеме пристапните приговори за членство во Европската унија.

Германскиот канцелар Олаф Шолц на заедничката прес-конференција со премиерот Ковачевски посочи дека тој лично на Самитот ЕУ - Западен Балкан, на 23-ти јуни, ќе се заложи да се одблокира процесот поради ветото од Бугарија и да се одржи првата меѓувладина конференција.

„Пред 20 години на државите од Западен Балкан, во Солун, им беше ветена европска перспектива и сега е време да се помине на дела. Се чудев, на политичката сила која овозможи договор со Грција“, рече Шолц.

„И затоа остатокот од задачата треба да ни успее. Сега треба да ги вложиме сите напори тоа да се реализира“, рече германскиот канцелар.

Премиерот Ковачевски, рече, дека земјава стопроцентно заслужува прва меѓувладина конференција и повеќе не може да биде заложник на самитите на ЕУ, дали ќе има датум или ќе нема датум.

Премиерот Ковачевски посочи дека за разлика од кај нас, во Бугарија спорот и преговорите се користат за внатреполитички поени. Тој не сакаше да ги коментира последните барања кои ги испорачува другата страна преку медиуми, сè додека преговарачите не излезат со документ прифатлив за сите, а во моментов додаде премиерот таков документ нема.

Фиљана Кока