Продолжуваат жестоките битки во Донбас
Улични битки во Северодоњецк, епицентар на војната во Украина. Москва и Киев разменија затвореници. Нема напредок во преговорите за деблокирање на испораката на жито за смирување на кризата со храна. Во Мариопул, епидемија на колера и дизентерија. Урсула фон дер Лајен на средба со Зеленски...

Интензивни улични борби во клучниот источен град Северодоњецк. Се стравува дека ќе резултираат со голем број жртви и од двете страни. Британското Министерство за одбрана тврди дека руските сили не напредувале кон југот на градот. Претседателот Зеленски вели дека способноста на неговата армија да ги задржи руските сили во Донбас зависи од снабдувањето со оружје од западот.
„Во Донбас продолжуваат многу жестоки борби. Секој ден ги повторувам овие имиња: Северодоњецк, Лисичанск, Бахмут, Славјанск и многу, многу други. Русија сака да уништи го секој град во Донбас. Сите овие урнатини во некогаш среќните градови, црни траги од пожари, кратери од експлозии, ова е сè што Русија може да им даде на своите соседи, Европа и светот“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Киев ги одби првичните руски инвазивни сили, но мирот во главниот град е нарушен.
„Кога играме одбојка и ја слушаме сирената, навистина ме плаши да размислувам за тоа дека можеби некои бомби може, можеби се на небото“.
Русија тврди дека соборила три украински воени авиони.
„Високопрецизни проектили уништија локација за распоредување странски платеници во близина на регионот Харков. Погодија девет области на концентрација на работна сила и воена опрема на украинските вооружени сили“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.
Градоначалникот на Мариупол побара воспоставување бегалски коридор, за да си заминат преостанатите жители на градот откако во градот избила колера и дизентерија.
Украина тврди дека руските трупи подготвуваат нова офанзива во Славјанск.
„Непријателот ги концентрира напорите на војниците за офанзива против Славјанск. Се обидува да стекне основа на северозападната периферија на Бохородихне“, изјави Олександр Штупун Генералштаб за вооружените сили на Украина.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Киев на средба со претседателот Зеленски. Теми на разговор се обновата на Украина и напредокот кон членството во Европската унија.
Русија, пак, го предупреди НАТО дека ќе следува пропорционален одговор поради зголемувањето на трупите во Полска. Засега, нема договор за украинското жито.
Франција е подготвена да работи на деблокада на пристаништето во Одеса.
Марина Ристова
