Македонија

До крајот на јуни да се расчисти депонијата кај Добрашинци

11.06.2022 18:04

Предупредувачка нота испрати Државниот инспекторат за животна средина до комуналното претпријатие, до крајот на месецов да ја расчисти депонијата кај Добрашинци. Депонијата, често се потпалува и го загадува воздухот...

До крајот на месец јуни, струмичката депонијата кај Добрашинци, мора да биде ставена под мониторинг од општински инспектори за животна средина, со цел избегнување на пожари и намалување на ризиците пред летната сезона со зголемени температури. Ваква одлука донесе државниот инспекторат за животна средина, кој го задолжи Јавното комунално претпријатие за висок ризик од опожарување на нестандардните депонии за комунален отпад, со кои управуваат Јавните комунални претпријатија.

Истата многу често од несовесни граѓани е потпалувана, која гори и по неколку денови, а штетниот чад се шири до Струмица. Активистите за здрава животна средина многу често реагираат до надлежните институции.

Од Јавното комунално претпријатие, велат дека веќе почнале со порамнување на отпадот и околу една четвртина е завршена. За целосно израмнување ќе им се потребни околу две недели. Според изјавите на „Комуналец“, порамнувањето го прават на секои два до три месеци.

За последните палења на депонијата, велат дека не се подметнати, туку станува збор за самозапалување поради високите температури пред невремето.

Од регион кој беше во најнапредна фаза за регионално управување со отпадот, југоистокот се врати на почеток со имплементацијата на законската регулатива. Во меѓувреме, градоначалниците разгледуваа алтернативни решенија и канеа нови можни инвеститори за изградба на регионална депонија, која требаше да ги затвори сите општински депонии.

Стојне Митева