Македонија

Куманово: Поголем број граѓани каснати од крлежи

11.06.2022 18:18

Топлото време го зголеми бројот на убоди од крлежи. На инфективното одделение во Куманово, голем број граѓани побарале лекарска помош поради каснување од овој паразит. Лекарите препорачуваат брза, стручна реакција, во рок од 24 часа, за да не дојде до сериозни здравствени компликации...

Зголемен е бројот на граѓани кои побарале лекарска помош поради каснување од крлеж, информираат од инфективното одделение при кумановската болница. Лекарите посочуваат дека со затоплување на времето нормален е поголемиот број на убоди од овој паразит, но и други инсекти. Нагласуваат дека се јавуваат пациенти кои веќе пројавиле симптоми, како зголемена температура, болки во зглобовите, мускулите, главоболка, малаксаност или исип. Симптомите вообичаено се од една до три седмици по убодот од крлежот.

„Крлежот може да пренесе инфективна болест, и најчесто болести кои ги има по убод од крлеж ако крлежот е заразен, тоа се лајмска болест, менингитис и некои други но главно поминуваат со многу благи симптоми. И спонтано се смируваат“, вели д-р Сунчица Јосифова, спец. инфектолог, началничка на Инфективно одделение при Општа болница – Куманово.

Лекарите укажуваат дека крлежот треба да се отстрани стручно, со лекарска помош, во рок од 24 часа, за да не дојде до сериозни компликации.

„Со предните нозе се впива во кожата прави убоди кои се непријатни и многу е потешко да се вади на сила, и секогаш остануваат делчиња од самиот крлеж во кожата и може да предизвика други несакани реакции. Ако крлежот сам не испадне не се извади безбедно, таквите пациенти завршуваат на хирургија, каде што со еден мал рез, се вади самиот крлеж или она што останало од него“, дополнува Јосифова.

Препораката е граѓаните доколку престојуваат во природа, да практикуваат лесна облека со долги ракави и ногавици, а по враќањето дома, да го прегледаат телото.

Елена Георгиевска