Русија постапува на идентичен начин како САД кон Југославија во 1999-тата
По присоединувањето на Крим кон Русија, Москва и Вашингтон отворија расправа дали независноста на Косово претставува преседан за руските потези кон Украина.

Руските власти инсистираат дека тие постапуваат на идентичен начин како САД кон тогашна Југославија во 1999 година, штитејќи загрозено население, додека американските дипломати велат дека оваа споредба е апсурдна, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Но, една од книгите за геополитичките планови на Владимир Путин, кои се честопати цитирани на секојдневните дискусии за Русија и Украина во САД, укажува дека Путин, освен Косово, ја споменувал и Македонија како аргумент за нападот врз Грузија во 2008 година.
Книгата под наслов „Малата војна која го потресе светот: Грузија, Русија и иднината на Западот“ е на денес починатиот американски дипломат Роналд Асмус, еден од архитектите на политиката на проширување на НАТО кон поранешните руски сателитски држави.
Во книгата, Асмус го пренесува разговорот на Путин со поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили во февруари 2008 година, пред самитот на НАТО во Букурешт кога Грузија не доби поддршка за отворање на МАП процесот, а воедно неколку дена по прогласувањето на независноста на Косово.
Асмус, повикувајќи се на грузиски извори, вели дека на оваа средба Путин практично го најавил нападот врз Грузија и одвојувањето на грузиските области Абхазија и Јужна Осетија.
- Постои ургентна потреба да реагираме на тоа што се случи во Европа и на Косово. Размислуваме како да се справиме со тој проблем. Запомнете дека сме под огромен притисок на нашите републики од Северен Кавказ, да бидеме солидарни со Абхазија и Јужна Осетија. Не разбирам зошто Американците почнаа кампања за исламизирање на Европа. Откако Албанците го проголтаа Косово, ќе се обидат да се прошират на сметка на Македонија. И многу ни е жал, но вие ќе бидете дел од нашиот одговор, му рекол Путин на Саакашвили.
Според книгата на Асмус, Путин продолжил да му објаснува на грузискиот претседател, дека не се работи за негова вина или за вина на неговата земја, но дека географијата на Грузија е таква што ја отвора можноста преку неа, Русија да возврати на косовската независност со иста мерка.
- Независноста на Косово, неколку месеци пред самитот на Букурешт, исклучително многу влијаеше врз Путин, и го насочи на курсот на кој е сега. И покрај тоа што на самитот во Букурешт, Украина и Грузија не добија согласност за МАП процес за почнување на патот кон НАТО, членот 23 од заклучоците на самитот содржеше забелешка дека овие две земји ќе станат членки на НАТО. Путин тоа го сфати како директно загрозување на стратегиската позиција на Украина. Книгата на Асмус тоа јасно го покажува, вели Герард Тоал, професор по меѓународни односи на Универзитетот Вирџинија Тек.
