Македонија

За верскиот празник Задушница, велешани купуваат грнчарски производи

11.06.2022 18:36

Еден ден во годината, на задушница најбаран производ на велешкиот пазар е грнчаријата, земјените производи. Само уште две велешки семејства ја одржуваат вековната традиција на изработка на грнчарија …

Велешките грнчари еден ден во годината се најбарани во градот. Тоа е за верскиот празник Задушница, кога се зголемен интересот за грнчарските производи во Велес. На овој ден се дава за помен за починатите, а според традицијата и верувањето, најдобро е тоа да бидат земјени садови. На Градскиот пазар, најголем интерес овој пазарен ден имаше токму за овие производи.

Ако на времето, во Велес имало десетици грнчари, денес се само две фамилии кои се бават со овој занает. Тие се тука секој пазарен ден, на велешкиот пазар и ја нудат робата произведена од далеку познатата и квалитетна велешка глина, на која и Рацин ги работел семејните грнчарски производи.

Традиционално, за Задушница велешани купуваат грнчарски производи, којшто милува. Порано се продавало многу повеќе, сега не е така. По две години пауза, поради корона пандемијата, овој пат имаше голем интерес.

Задушница е денот кога според народното верување, душата на покојните предци доаѓа од оној свет, кај своите блиски барајќи вода, храна, поради што се раздаваат за спомен и овие грнчарски производи.

Петар Печков