Евроинтеграции

Шолц од Софија: Има надеж да се постигне напредок

11.06.2022 19:16

По Скопје, германскиот канцелар Шолц веднаш замина за Софија, последната станица во неговата балканска турнеја. Тој се сретна со премиерот и со претседателот на Бугарија. Петков рече дека со Скопје ќе продолжи да бара решение, но повтори дека имаат три јасни услови кои нашата страна треба да ги исполни за да се тргне ветото. Тој во Брисел гледа гарант на процесот. Шолц и од Софија повика на отворање на преговорите...

По средбата со Ковачевски, германскиот канцелар Шолц одлета за Софија. И пред бугарскиот премиер Петков го повтори ставот дека Берлин поддржува почеток на преговорите со Скопје и Тирана. Но, и Петков го повтори ставот дека Бугарија има три услови коишто земјава треба да ги исполни за да се тргне ветото, а Европската унија според него, може да биде гарант на процесот.

„Во овој момент, Бугарија има три основни приоритети за коишто Европската унија треба да биде дел од гаранциите за да се направи исчекор – преку европскиот процес да се гарантира вклучувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија. Исто така имаме и рамковна позиција и договор за добрососедство, така што секое решение треба да ги вклучува тие три приоритети. Европската унија има можност да даде гаранции дека тоа се прави и затоа како Влада продолжуваме да работиме во рамки на рамковната позиција и Договорот за добрососедство“, изјави Петков.

И Бугарија и Германија отсекогаш гледале во насока на Западен Балкан и неговото членство во ЕУ, рече Петков. Најави дека продолжуваат преговорите со македонската страна за да се изнајде решение за отворените прашања меѓу двете страни. Канцеларот Шолц, пак, сè уште гледа шанса за напредок за време на француското претседателство со Блокот коешто ги брои последните денови.

„Германија разбира дека не е лесно да се надминат историските разлики помеѓу соседни држави, но нашиот пример покажува дека е корисно за сите кога ќе се надмине недовербата и ќе се изградат пријателски односи со соседите. Затоа поддржуваме постигнување согласност за отпочнување на преговорите за пристапување кон Европската унија на Северна Македонија и Албанија. Сметам дека има шанса да се постигне напредок. Ќе ги продолжиме разговорите до крајот на француското претседателство и се надевам дека ќе постигнеме напредок“, изјави Шолц.

Шолц на средбата со Петков, истакна дека имаат одговорност за стабилноста на Балканот и оти не треба да се уриваат надежите. Отворено кажа дека Северна Македонија треба да има сигурна европска перспектива затоа што ги исполни сите услови коишто се бараа од неа.

Александра Спировска