Македонија

Привршува првата фаза од реконструкцијата на кумановскиот театар

12.06.2022 11:11

Тече реконструкцијата на кумановскиот театар. За неколку дена треба да заврши првата, а да почне втората фаза. Реконструкцијата ја отежнува растот на цените на градежните материјали по глобалната криза. Сепак надлежните се оптимисти дека кумановци наскоро ќе добијат театар каков што заслужуваат...

При крај е првата фаза од реконструкцијата на кумановскиот народен театар. Градежните активности се спроведуваат согласно предвидената динамика, а наскоро ќе се распише и постапка за вториот дел од реконструкцијата. За првата фаза Министерството за култура одобри 10 милиони денари, додека за втората се предвидени 12 милиони денари. Од установата посочуваат дека актуелната глобална криза ги покачи и цените на градежните материјали, па тоа им создава дополнителни потешкотии.

„Реконструкцијата започна во најголемата пандемија и пред сè ова што се случи со воениот судир во Украина, покачување на цените на градежните материјали, и сега сме во навистина една незавидна состојба и во тие услови, бидејќи градежната фирма има потпишано договор на една сума, меѓутоа сега последниве два-три месеци, тоа е зголемено десеткратно но мора да ги изведат тие работи како што е предвидено“, истакна Сашо Тодоровски, директор на НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово.

Од кумановскиот театар објаснуваат дека е направена санација и преадаптација на темелите, гледалиштето, сцената, канцелариите, помошните простории, кабините. Кумановскиот театар е на површина од 1.200 метри квадратни. Станува збор за специфична градба, која се наоѓа помеѓу две училишта. Објектот е предвидено да биде приклучен и на гасификациската мрежа.

„Течеше кровот, фасадата многу се уништи и парното на крајот не работеше. Според она што се вложува и она што се обидуваат да го направат треба да се многу подобро и за администрацијата, техниката за сите“, вели Бобан Милановски, сценски работник во Театар Куманово.

Надлежните од кумановскиот театар се надеваат дека Министерството ќе одвои средства и за третата и четвртата фаза. Вработените и љубителите на театарската уметност, изминативе две децении постојано алармираа за лошата состојба на објектот, изграден пред 50-тите години.

Елена Георгиевска