Македонија

ЈО: Увидот за пожарот во тетовската фабрика е завршен, за истрага потребни се силни докази

12.06.2022 15:24

Увидот на самото место е завршен, но за истрага потребни ни се силни докази и осомничени, велат од Јавното обвинителство Тетово за катастрофалниот пожар во тетовската фабрика „Пофикс“, кој избувна на 30 мај. Од инспекторатот за животна средина, велат дека првичните резултати не покажале големо загадување на воздухот за време на пожарот, но дополнително ќе се испитува какви се последиците на почвата и подземните води...

Обвинителството го чека видеоматеријалот од надзорните камера во фабриката, кои можат да утврдат од каде настанал пожарот. Вештачењето на „ОКТИВ“ при МВР, треба да даде одредени докази за евентуално започнување на истрага. Но, без силни докази и осомничени, не може да се започне никаква постапка.

„Увидот на самото место заврши, но можеби ќе треба да се направи уште едно вештачење од електротехничкиот факултет, со кое може да се утврди дали имало некаков проблем со електричната инсталација, дали тоа било причината за настанувањето на пожарот, или тој избил од нешто сосема друго. За се ни требаат докази, никаква истрага или пак затворање на случајот, не треба да се базира на основа на претпостави“, соопштија од Јавното обвинителство-Тетово.

Од Инспекторатот за животна средина, велат дека по целосно завршување на истрагата, ќе се вршат дополнителни испитувања, какви се последиците на почвата и подземните води од пожарот. Отпадниот материјал од изгорените хали од фабриката, ќе се депонираа на соодветна локација.

Пожарот зафати над 7.000 метри квадратни од фабриката.

Сопственикот информираше дека е предизвикана голема материјална штета, а градот два дена се гушеше во густ црн чад, со концентрацијата на штетни честички во воздухот.

Зоран Димовски