Европски самит за дигитализација на судството во Охрид
Пандемијата го стави судството на тест и го направи неопходен процесот на дигитализација. Годинава за оваа цел одвоени 130 милиони денари. Надлежните уверени дека ќе донесе побрза правда, помали трошоци и стеснет простор за корупција...

Во најскоро време дигитализацијата ќе биде дел од македонскиот правосуден систем.
Министерот за правда Тупанчевски, рече, дека тоа ќе значи побрз и еднаков пристап до правдата. Задоцнетата правда граѓанинот често ја доживува како најголема неправда, а дигитализацијата ќе ги забрза постапките на сите нивоа, ќе го олесни доставувањето на докази и документи, комуникацијата меѓу засегнатите страни и институции и ќе ја подигне правната сигурност и довербата во правосудството.
Дигиталната трансформација веќе одамна не е само технолошка визија на поединци или предмет на академски и стручни дискусии за иднината, туку е наша реалност, што особено се покажа за време на пандемијата, рече претседатлот Пендаровски на европскиот самит за дигитализација.
„Многу поголем проблем беше затворањето на правосудните органи, особено кога стана јасно дека истрагите и рочиштата не може да се одложуваат на долги периоди, а, не беше јасно колку ќе трае кризата. Во таква ситуација се постави прашањето како може да се искористи дигиталната технологија за правосудните органи да продолжат да ја извршуваат својата функција во период на пролонгирана криза со неизвесен крај. Вие најдобро знаете пред каков сложен предизвик се најдовте кога дигиталната технологија требаше за краток временски период, да ги замени судските постапки во живо и да ја овозможи правдата за сите засегнати граѓани, во ситуација, да бидеме искрени, на нецелосно разработени прописи“, рече претседателот Пендаровски.
Овој самит треба да биде почеток на еден обемен и долг процес на дигитална трансформација на целиот наш правосуден систем.
Александра Спировска
