Свет

Прв круг од парламентарните избори во Франција

12.06.2022 17:08

Франција гласа за нов состав на Националното собрание. Опозицијата од левицата се надева дека ќе добие мнозинство, иако последните испитувања на јавното мислење покажуваат дека тие се изедначени со партијата на Макрон. Излезноста на гласачите, која се најавува како рекордна ниска, ќе биде одлучувачка...

Четириесет и осум милиони француски гласачи денес се повикани да ги изберат 577 пратеници, меѓу речиси 6.300 кандидати.

Некои побрзаа од раните утрински часови да гласаат за да се посветата на други активности.

Планирам да одам на прошетка. Затоа треба да гласам што е можно поскоро. И се разбира важно е да се гласа.

Ни дадоа збор и ние имаме право да се изразиме, затоа гласаме.

Сите имаме право на глас, затоа треба да го искористиме. Денес е единствениот ден кога нашиот глас важи како и на сите други, како и тој на политичарите. Затоа треба да се гласа.

Но некои повеќе сакаа убавото време да го искористат за на плажа.

Не се препознавам во најавените програми и во овие избори.

Се разбира лидерите на политичките партии излегоа меѓу првите на гласачките места. Марин Ле Пен, кандидат за пратеник, се надева дека ќе успее да создаде пратеничка група.

Ман-Лук Меланшон не е кандидат, но се надева на победа на неговиот левичарски сојуз Нупес за да биде премиер. Премиерката Елизбет Борн е кандидат како и 14 нејзини министри, во случај на пораз за нив е заминување од владата.

Лидерот на Републиканците Кристијан Жакоб, по 15 години мандат на пратеник си заминува, но неговата партија ризикува пораз.

Најголемиот влог е, можеби, за претседателот Емануел Макрон.

Треба да се почека 19-ти јуни за да знаеме кој победи на парламентарните избори. Доколку Емануел Макрон добие релативно мнозинство, тој би бил принуден да преговара со другите парламентарни групи за да ги одобрат неговите закони. Доколку, напротив, Нупес на Жан-Лук Меланшон освои апсолутно мнозинство, на Емануел Макрон ќе му бидат одземени практично сите овластувања.

Тони Гламчевски