Македонија

Охрид: Препораките на УНЕСКО мора да се спроведуваат

12.06.2022 17:56

Мора да отпочне спроведувањето на препораките на УНЕСКО во однос на нарушувањето на автентичноста на старото градско јадро во Охрид, апелираат експертите. Ќе треба да се отстрани сè што го нарушува амбиентот, клими, соларни системи, антени. Потребна е едукација за старите техники за градење кои треба да се користат при реставрација на споменичните добра...

Потребен е посериозен пристап во заштитата на културното наследство во Охрид, апелираат експертите. Мора да отпочне спроведувањето на препораките на УНЕСКО, во однос на нарушувањето на автентичноста на старото градско јадро. Една од забелешките е несоодветна реставрација на староградските куќи. Недостатоци се нотирани и во реконструкцијата на крововите, кои наместо со ќерамиди, покриени се со современи материјали.

Друга забелешка е поставување на антени, клими, соларни системи, коишто ќе мора да бидат отстранети.

„Не можеме да дозволиме несоодветно да навлегува новиот начин на живот иако тие придобивки се позитивни за секого колектори, соларни, сателитски антени, сепак тоа е несоодветно за да ја сочуваме разгледницата на овој Стар град кој треба да ја презентираме на УНЕСКО“, вели Никола Упевче конзерватор мозаичар.

Треба да се води грижа при реставрацијата на споменичните добра, да се користат идентичните, стари техники на градење со земја, цигла, вар за што е потребна дополнителна едукација.

„Недоволна едукација и недоволна свесност. Значи, Архитектонскиот факултет има проучување на формата меѓутоа не на квалитетот на материјалот и како се употребува. Недоволно се посветува внимание“, додава Упевче.

Девастацијата на културното наследство, несоодветната грижа за верските објекти, базиликите и заштитените споменици е исто така една од забелешките на УНЕСКО, за што е потребна итна реакција од страна на надлежните.

Соња Рилковска