Земјоделство

Оглас за закуп на земјоделско земјиште

13.06.2022 08:40

Тече огласот за закуп на земјоделско државно земјиште во 7 општини во државава. Понудените површини наоѓаат во Гостивар, Дебар, Кичево, Куманово, Ресен, Тетово и Гази Баба и се наменети за одгледување на долгогодишни насади. Парцелите се со големина до 3 хектари, а изборот на закупувачите ќе биде со бодување...

Површината за којашто може еден земјоделец да достави понуда е со големина до 3 хектари во катастарските општини на Гостивар, Дебар, Кичево, Куманово, Ресен, Тетово и Гази Баба.

Парцелите се наменети за одгледување на едногодишни и долгогодишни насади, а идните корисници во зависност од културата која ќе ја одгледуваат ќе ги добијат за користење во период од 15 до 70 години.

Право на учество имаат домашни физички и правни, и странски правни лица. Компаниите мораат да достават бизнис план, а земјоделците програма за користење на земјиштето. Почетната цена на закупот се одредува според катастарската класа и местоположбата на земјиштето.

Доколку закупецот е физичко лице е на возраст до 40 години или земјиштето го добие трговско друштво со управител или извршен директор на возраст до 40 години, обврската за плаќање на закупнината почнува по три години од склучувањето на договорот за закуп.

Изборот ќе се врши со бодување. Најголем број бодови, односно 65, добива месното население.

Последниот ден за поднесување пријави за учество на јавниот повик е 30 дена од неговото објавување на 2-ри јуни.

Методија Трајков