Воен конфликт

Северодоњецк епицентар на големите битки

13.06.2022 09:51

Северодоњецк стана епицентар на големите битки. Украинските војници жестоко се борат за „секој метар“. Руската војска го освоила поголемиот дел од градот. Нов знак во боите на руското знаме откриен на периферијата на Мариупол. Морското пристаниште подготвено да се користи за транспорт на стоки до и од Русија, тврди Кремљ...

Украинските војници жестоко се борат за „секој метар“ од Северен Доњецк, рече претседателот Зеленски, во време кога руските сили уништија мост на река, оставајќи им на цивилите само еден излез.

„Клучната тактичка цел на окупаторите не е променета. Тие притискаат во Северодоњецк каде се водат многу жестоки борби – буквално за секој метар. Руските генерали на својот народ гледаат едноставно како топовско месо. Може да ја преминат линијата од 40.000 изгубени војници веќе во јуни. Во ниту една друга војна во многу децении тие не загубиле толку многу“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Северодоњецк стана епицентар на големите битки за контрола на украинскиот регион Донбас, а руската војска го освоила поголемиот дел од градот.

Нов градски знак во боите на руското знаме беше откриен на периферијата на Мариупол. Според Кремљ, морското пристаниште сега е подготвено да се користи за транспорт на стоки до и од Русија.

„Пристаништето е целосно подготвено да прими товар и да испорача товар. Сега испорачавме два брода со метал во Русија, а увозот (од Русија) дојде кај нас, тоа се приколки за градителите на градот Мариупол“, изјави Павел Шватски, директор на пристаништето Мариупол.

Гувернерот на Луганск изјави дека се запалени гориво и хемикалиите, со што се загрозени животите на цивилите.

„Амнести Интернешнл“ ја обвинува Русија за воени злосторства во Украина, велејќи дека стотици цивили загинале во Харков во „напади со касетни бомби“.

Инаку Русија заработила 93 милијарди евра од извозот на фосилните горива во првите 100 дена од војната во Украина, при што најголем дел бил испратен во Европска Унија. Просечните цени биле за 60% повисоки во споредба со лани.

Марина Ристова