Воен конфликт

Зеленски: Војската се бори за секој метар од Северен Доњецк

13.06.2022 14:58

Северодоњецк стана епицентар на големите битки. Украинските војници жестоко се борат за „секој метар“. Руската војска го освоила поголемиот дел од градот. Нов знак во боите на руското знаме откриен на периферијата на Мариупол. Морското пристаниште подготвено да се користи за транспорт на стоки до и од Русија, тврди Кремљ...

Украинските војници жестоко се борат за „секој метар“ од северен Доњецк, рече претседателот Зеленски, во време кога руските сили уништија мост на река, оставајќи им на цивилите само еден излез.

„Клучната тактичка цел на окупаторите не е променета. Тие притискаат во Северодоњецк каде се водат многу жестоки борби – буквално за секој метар. Руските генерали на својот народ гледаат едноставно како топовско месо. Може да ја преминат линијата од 40.000 изгубени војници веќе во јуни. Во ниту една друга војна во многу децении тие не загубиле толку многу“, изјави Володимир Зеленски.

Северодоњецк стана епицентар на големите битки за контрола на украинскиот регион Донбас, а руската војска го освоила поголемиот дел од градот.

„Непријателот изврши јуришни операции во Северодоњецк и ги истисна нашите единици од центарот на градот. Борбите продолжуваат“, изјави Олександр Штупун од генералштабот на вооружените сили на Украина.

Нов градски знак во боите на руското знаме беше откриен на периферијата на Мариупол. Според Кремљ, морското пристаниште сега е подготвено да се користи за транспорт на стоки до и од Русија.

„Пристаништето е целосно подготвено да прими товар и да испорача товар. Сега испорачавме два брода со метал во Русија, а увозот (од Русија) дојде кај нас, тоа се приколки за градителите на градот Мариупол“, изјави Павел Шватски, директор на пристаништето Мариупол.

Гувернерот на Луганск изјави дека се запалени гориво и хемикалиите, со што се загрозени животите на цивилите.

„Амнести Интернешнл“ ја обвинува Русија за воени злосторства во Украина, велејќи дека стотици цивили загинале во Харков во „напади со касетни бомби“.

Руското Министерство за одбрана објави снимка за која се тврди дека покажува заробено оружје од Украина.

„Најмногу има мало оружје, гранати од советско производство. Најчесто има противтенковски проектили и комплети и противтенковски мини од германско производство. Се разликува од рускиот и советскиот фрлач на гранати по неговиот калибар“, рече шеф на магацин.

Инаку Русија заработила 93 милијарди евра од извозот на фосилните горива во првите 100 дена од војната во Украина, при што најголем дел бил испратен во Европска Унија. Просечните цени биле за 60% повисоки во споредба со лани.

Марина Ристова