Македонија

Ребалансот на Буџетот во собраниска процедура

13.06.2022 15:06

Ребалансот на Буџетот влезе во собраниска процедура. Прв ден комисиска расправа. Прекроената државна каса предвидува приходи од 4 милијарди евра и расходи од 4,6 милијарди евра. Ќе се зголеми и дефицитот. Власта најави дека ќе продолжат клучните проекти и ќе се поддржат граѓаните и стопанството во ова кризно време. Опозицијата, пак, критикува дека ребалансот е доказ дека земјава е на раб на банкрот и најави амандмани...

Со ребалансот на Буџетот треба да се постигнат две основни цели – прво, да се одржи макроекономската стабилност, што е од суштинско значење за понатамошниот раст и развој на секоја економија и второ, да се поддржи економијата за враќање во претпандемиското ниво и социјалната сигурност на граѓаните. Ова го посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими во своето експозе на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Опозицијата најавија над 200 амандмани на ребалансот со кои, меѓудругото се предвидува и намалување на акцизите за горивата и намалување на даноците на нула за прехранбените производи.

Од СДСМ побараа конструктивна дебата. Според мнозинството, во прекроената државна се скратени непродуктивните трошоци, а се предвидени 75 милиони евра за економијата и 55 милиони евра повеќе субвенции за земјоделството.

Со предлог-ребалансот на буџетот, приходите се проектирани на 4 милијарди евра, расходите на 4,6 милијарди. Ќе се зголеми и дефицитот. Проекцијата за растот се намалува на 3,2 процента, а проектираната стапка на инфлација се зголемува на 7,2 отсто, иако министерот Бесими рече дека со преземените мерки успеале да ја намалат за 3 процентни поени.

Игор Панов