Се продлабочува кризата во владата на Петков
Владата на Кирил Петков на кристални нозе. Се продлабочува кризата откако оставки на функциите поднесоа министрите Генчовска и Николов. Потегот дојде по одлуката на Трифонов за напуштање на коалицијата. Но, осуммина негови пратеници, по се изгледа не се со исти ставови како лидерот...

Владата на Кирил Петков на кристални нозе. Се продлабочува кризата откако оставки на фунциите поднесоа двајца министри – Генчовска за надворешни работи и Николов за енергетика. Ваквиот потег следува по одлуката на партијата на шоуменот Слави Трифонов „Има таков народ“ да ја напушти коалицијата поради, како што вели тој – Македонија. Но, може да се случи Петков да смета на дополнителна поддршка. Од Софија стигна вест дека 7 до 8 пратеници од „Има таков народ“ му го вртат грбот на лидерот Трифонов, организирани од министерот за спорт во оставка Василев, кој се спротивставува на заминувањето на партијата од Владата. Тие сè уште немаат договор со „Продолжуваме со промената“ на Петков.
Иако најавена уште во четвртокот, поради работни обврски, дури неделава оставката и официјално ја депонираше министерката за надворешни работи Теодора Генчовска. И, ако Николов својата оставка ја поднесе од политички причини, велејќи дека нема намера да ја прескокне политичката одлука на својот лидер Трифонов бидејќи се работи за доверба, останатите министри на „Има таков народ“, оставките ги даваат, како што тврдат поради двојната политика на премиерот Петков по прашањето за тргање на ветото за Северна Македонија. Дури обвинија дека премиерот отстапил од договорените бугарски принципи кога на европски дипломати им ветувал тргање на ветото пред исполнувањето на бугарските барања.
„Не можеме да зборуваме за купување кога нема цена, трговскиот закон вели дека комерцијална трансакција без цена за производ е ништовна. Тоа за кое ние се пазариме е како со вистинска мотивација да ја промениме Бугарија на подобро.“
Миле Ристески
