Македонија

РКЕ е во постапка за одземање на лиценците на БЕГ

13.06.2022 15:45

Регулаторна најави постапка за одземање на трите лиценци на БЕГ. Бислимовски тврди дека радијаторите нема да останат студени. За цената на струјата сè уште се прават пресметки. Објавен калкулаторот за потрошувачка и сума за плаќање...

БЕГ најверојатно нема да ги грее радијаторите на Скопјани од октомври. Регулаторната комисија е во постапка на одземање на трите лиценци на компанијата. По официјалното одземање, Владата ќе распише тендер за избор на нова компанија која ќе ја врши услугата. Претседателот, Бислимовски уверува – нема да има ладни радијатори, бидејќи БЕГ е должна да испорачува сè до новиот избор.

„Јас можам да и препорачам на Владата, тоа е лично мое мислење, е дека конечно во овој сектор треба да се укинат трите дејности: производство, дистрибуција и снабдување, како што е насекаде во регионот, да има една лиценца за топлинска енергија и сметам дека како што е во поголемите градови во соседството, во Србија, во Хрватска, Владата или други јавни претпријатија треба да си го преземат вршењето на оваа дејност“, изјави Бислимовски.

Овој одговор доаѓа во време кога БЕГ побара драстично зголемување на цената на парно.

„Во однос на струјата, цената значително ќе се зголеми од први јули, но детали ќе се знаат следната недела по завршувањето на сите анализи.“

Во меѓувреме, претставен калкулаторот за пресметка, веќе достапен на официјалната интернет страница на Регулаторна.

„Имаше многу, да не речам дезинформации, дека сите тие што пред две-три години или не знам кога од дрва се префрлиле на инвертери сега ќе загубат. Јас би рекол дека нема да загубат, затоа што прво и кога се префрлале тие веќе направиле некаква економска логика. Поевтино им е со инвертери отколку со дрва. Колку и да е дрвото евтино, на крајот, трошокот што ќе го платите за една сезона ќе биде повисок“, изјави Талески.

Од Регулаторна повторија дека пресметувањето на цената по блокови нема да важи за евтината тарифа.

Катерина Топалова