Столтенберг: Шведска ја менува својата антитерористичка легислатива
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Шведска презела важни чекори за исполнување на барањата на Турција за одобрување на членството на Стокхолм во Алијансата. Столтенберг нагласи дека целта е Шведска и Финска да влезат во НАТО „што е можно поскоро” и дека е незамисливо сојузниците од НАТО да не ја бранат Шведска доколку биде нападната...

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Шведска презела важни чекори за исполнување на барањата на Турција за одобрување на членството на Стокхолм во Алијансата.
„Го поздравувам фактот што Шведска веќе почна да ја менува својата антитерористичка легислатива и дека ќе се погрижи правната рамка за извоз на оружје да го одразува идниот статус на членките на НАТО со нови обврски кон сојузниците“, рече Столтенберг на заедничката прес-конференција со шведската премиерка Магдалена Андерсон.
Тој додаде дека ова се два важни чекори за решавање на загриженоста изразена од Турција.
Андерсон соопшти дека Шведска ги променила своите закони за тероризам и е во процес на дополнително заострување на регулативите.
Столтенберг нагласи дека целта е Шведска и Финска да влезат во НАТО „што е можно поскоро” и дека е незамисливо сојузниците од НАТО да не ја бранат Шведска доколку биде нападната.
Шведска и Финска минатиот месец поднесоа барање да се приклучат на западната одбранбена алијанса како одговор на конфликтот во Украина.
