Земјоделство

Оглас за закуп на земјиште во 7 општини

14.06.2022 09:12

Во 7 општини во државава тече огласот за закуп на земјоделско државно земјиште. Понудените површини се наоѓаат во Свети Николе, Струга,Охрид, Карпош, Кисела Вода, Чаир и Демир Хисар, а се наменети за одгледување на земјоделски култури. Парцелите се со големина до 3 хектари, а изборот на закупувачите ќе биде со бодување...

Парцелите се наменети за одгледување на едногодишни и долгогодишни насади, а идните корисници во зависност од културата која ќе ја одгледуваат ќе ги добијат за користење во период од 15 до 70 години.

Површината за којашто може еден земјоделец да достави понуда е со големина до 3 хектари во катастарските општини на Свети Николе, Струга,Охрид, Карпош, Кисела вода, Чаир и Демир Хисар.

Право на учество имаат домашни физички и правни, и странски правни лица. Компаниите мораат да достават бизнис план, а земјоделците програма за користење на земјиштето. Почетната цена на закупот се одредува според катастарската класа и местоположбата на земјиштето.

Доколку закупецот е физичко лице и е на возраст до 40 години или земјиштето го добие трговско друштво со управител или извршен директор на возраст до 40 години, обврската за плаќање на закупнината почнува по три години од склучувањето на договорот за закуп.

Изборот ќе се врши со бодување. Најголем број бодови, односно 65, добива месното население.

Последниот ден за поднесување пријави за учество на јавниот повик е 30 дена од неговото објавување на 2-ри јуни.

Методија Трајков