Струга

Втора европска конференција за религиски дијалог и соработка во Струга

14.06.2022 11:01

После вчерашниот историски настан во Контантинополската Архиепископија МПЦ е на чекор до добивањето на Томос за целосна автокефалност. Според аналитичарите, кои се дел од Европската конференција за религиски дијалог што се одржува во Струга, сè уште не се знае какво ќе биде името на МПЦ – ОА во него...

После првата одржана литургија на македонски јазик во црквата на Вселенската патријаршија, МПЦ е на чекор до добивањето на Томос за автокефалност. Заедничката литургија во Константинополската Архиепископија е најголемиот ден во историјата, сметаат аналитичарите.

Веруваат во успешен крај на целиот процес најдоцна за неколку месеци, но сè уште не се знае какво ќе биде името на МПЦ-ОА во Томосот.

„Претпоставувам дека ќе биде само Охридска Архиепископија, а не МПЦ веројатно како дел од договорот за да се задоволат сите интереси. Претпоставувам на барање на Грчката црква нема да фигурира Македонска во Томосот“, изјави Александар Кржаловски директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Од друга страна, очекувано е Охридска Архиепископија дека нема да ѝ се допадне на Бугарската Православна црква.

„Можно е да има разни имиња за разни употреби веројатно БПЦ ќе избегнува можеби ќе зборува за МПЦ, но ќе избегнува да кажува Охридска Архиепископија бидејќи и тие се сметаат за наследнички на ОА“, додава Кржаловски.

„Она што се случуваше со МПЦ според верските правила беше нелогично, така што сега дојде до правиот епилог. Всушност ова е една логична завршница на еден процес кој МПЦ го водеше многу долго“, вели Ратко Дуев декан на Филозофскиот факултет.

Односот на религијата кон глобализацијата, како чувар на националниот и верскиот идентитет се дел од темите на Европската конференција за религиски дијалог што се одржува во Струга, а на која учествуваат 83 научници од 20 земји од светот.

Соња Рилковска