Велика Британија го прекрши договорот
Британската Влада еднострано ги менува трговските правила за Северна Ирска. Британски пратеници и претставници на европските институции со критики за потегот на Лондон. Брисел ќе одговори на унифициран начин со сите алатки, вели германскиот канцелар Шолц. И од Вашингтон со апел за дијалог за да се заштити договорот од Белфаст постигнат со посредство на САД во 1998 година...

Односите меѓу Брисел и Лондон на стаклени нозе. Договорите за заедничка соработка по Брегзит во пракса наидоа на низа пречки за граѓаните, бизнисите и слободниот проток на стоки и услуги. Британската Влада реши еднострано да ги менува трговските правила за Северна Ирска. Со предлог-закон се отстрануваат царинските проверки и бројните административни процедури на некои стоки кои влегуваат во Северна Ирска од остатокот на Обединетото Кралство.
„Продолжуваме да го штитиме единствениот пазар на ЕУ преку нашиот договор, но ние ги поправаме проблемите кои предизвикуваат потешкотии. Наша должност е владата да ја одржи политичката стабилност. Јас сум подготвена да преговарам со ЕУ, но тие мора да бидат подготвени да ги променат условите на овој договор кои предизвикуваат сериозни проблеми во Северна Ирска“, изјави Лиз Трус, министерка за надворешни работи на Обединетото Кралство.
Некои британски пратеници и претставници на европските институции велат дека потегот го прекршува меѓународното право.
„Одлуката на Владата на Обединетото Кралство ја поткопува довербата што е неопходна за билатерална соработка меѓу Брисел и Лондон во рамки на договорот за трговија и соработка. Ја повикуваме британската Влада да се ангажира со нас за заеднички решенија. Комисијата е подготвена да ја одигра својата улога“, изјави Марош Шефчович, потпретседател на Европската комисија.
Северна Ирска ги поддржува промените во трговските аранжмани по Брегзит, но велат дека ЕУ е неискрена во наводите дека се флексибилни. Брисел ќе одговори на унифициран начин со сите алатки, вели германскиот канцелар.
„Ова е многу жална одлука што ја донесе британската Влада. Тоа е отфрлање на сите договори што ги направивме меѓу Европската Унија и Обединетото Кралство. И нема причина за тоа, бидејќи Европската комисија донесе многу прагматични предлози за тоа како да се организира добар соживот“, изјави Олаф Шолц, канцелар на Германија.
Од Вашингтон со апел да се преговара со добра волја со цел да се заштити договорот од Белфаст постигнат со посредство на САД во 1998 година за зачувување на мирот, стабилноста и просперитетот на луѓето во Северна Ирска.
„Сфаќаме дека има предизвици во врска со имплементацијата на протоколот за Северна Ирска. Ги повикуваме Брисел и Лондон да се вратат на разговорите за да се решат овие разлики. На трансатлантскиот мир, безбедност и просперитет најдобро им служи силно Обединето Кралство, силна Европска Унија и најблиските можни односи меѓу нив“, изјави Керин Жан-Пјер, прес-секретар на Белата куќа.
Расправата за функционирањето на Обединетото Кралство по Брегзит и по речиси пет години не е завршена.
Маријана Димовска
