Воен конфликт

Украинскиот град Северодоњецк е целосно отсечен

14.06.2022 13:05

Северодоњецк е целосно отсечен. Испораката на залихи и евакуацијата на цивилите се невозможни. Русија испрати дополнителни сили во регионот. Украинскиот претседател Зеленски бара повеќе модерна артилерија за како што вели, клучната битка за Донбас. Бриселски медиуми, повикувајќи се на дипломатски извори, најавуваат дека ЕУ ќе и додели кандидатски статус на Украина...

Руските сили ја преземаат контролата врз Северодоњецк. Украинскиот претседател Зеленски ветува враќање на загубените територии, вклучувајќи го и анектираниот Крим. Според бриселски медиуми, Еврокомисијата ќе препорача Украина да добие официјален статус на земја-кандидат за членство во ЕУ.

Руските сили го парализираа и отсекоа Северодоњецк од остатокот од Украина. Околу 10 илјади цивили веќе немаат можност ни за евакуација ни за достава на помош. Со овој град под своја контрола, Москва полека, но сигурно, го зазема Луганск, којшто заедно со Доњецк е во фокусот на воената агенда на Кремљ.

„Северодоњецк е блокиран откако го разнесоа и последниот мост кој го поврзуваше со Лисичанск. Украинската војска која е стационирана таму, ќе остане таму. Имаат две опции: да го следат примерот на колегите и да се предадат, или да умрат“, изјави Едуард Басурин.

„Се соочуваме со апсолутно зло. Немаме избор освен да продолжиме натаму, да ја ослободиме целосно нашата територија, да ги истераме окупаторите од сите области. Се разбира дека ќе го ослободиме и Крим“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Немоќни пред ужасите на војната, Украинците кои се далеку од фронтот го користат хуморот како оружје во борбата со траумите и голготата низ коишто минуваат.

„Ова е единствениот начин да го зачувате психичкото здравје во време на војна. Јас немам пари за психотерапија. Ниеден комичар не користи стар материјал. Сите пишуваат нови работи, за војната, за новото искуство“, изјави Антон Тимошенко, комичар.

„Благодарение на нив, се собираме и уживаме. Убаво е. Знам дека им е тешко да ги смислат и напишат овие шеги, но тие им помагаат на сите.“

Во меѓувреме, медиуми од Брисел информираат дека Европската комисија ќе препорача Украина да добие кандидатски статус. Се динамизираат и напорите за проширување на НАТО. Од Алијансата потврдија дека Стокхолм презел важни чекори за да ги оствари барањата на Турција за одобрување на приклучувањето на Шведска во Сојузот.

Маја С. Филдишев